МТСП: Преку услугата помош и нега во домот поквалитетен живот за над 50 стари лица во Струга

 

Услугата помош и нега во домот ги дава посакуваните резултати и им го олеснува и подобрува квалитетот на животот на старите лица. Денеска, во посета на Црвениот крст – Струга, кој ја спроведува услугата помош и нега во домот, беше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која истакна: „Оваа услуга е дел од разновидните услуги, како што се центрите за дневен престој на стари лица, центрите за дневен престој на лица и деца со попреченост, центарот за рехабилитација и реинтеграција, кои се достапни во 41 општина, а се воспоставени преку проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го спроведуваме со поддршка на Светската банка. Се гордеам што успеавме да постигнеме значајни резултати, но и да обезбедиме одржливост на услугите и некои од нив, како што се помош и нега во Струга, се преземени во системот на централно финансирање, со што е обезбеден континуитет и постојаност на социјалните услуги“.

Услугата е воспоставена преку проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светската банка, а се спроведува од Црвениот крст – Струга, кој заедно со Општината аплицира на првиот јавен повик на проектот. Услугата им е достапна на повеќе од 50 стари лица над 65 години за кои во комфорот на својот дом се грижат 20 негуватели.

Министерството за труд и социјална политика обезбеди долгорочна одржливост на социјалните услуги, во кои спаѓа и услугата помош и нега во домот во Струга, обезбедувајќи средства за нивно финансирање од државниот буџет. Со ова се создава можност за нивен натамошен развој, а граѓаните, особено оние од најранливите категории, ќе продолжат да добиваат квалитетни услуги и подобар квалитет на живот.

Задоволство од начинот на кој се одвива услугата, како и од соработката со Министерството искажуваат и од Црвениот крст – Струга. Тие при посетата на Тренчевска истакнаа: „Навистина сме благодарни што Министерството ги препозна потребите на граѓаните на општина Струга и што од самиот почеток го поддржа овој проект за кој соработувавме и со Општината и со Министерството. Денеска, се гордееме и сме мотивирани од успехот и од насмевките на корисниците и негувателите со кои секојдневно го потврдуваат задоволството“.

Тренчевска оствари и посета на домот на корисник на услугата помош и нега, кој заедно со својата негувателка ја информираа за придобивките, активностите, како и значењето за нив од оваа услуга. Министерката истакна дека токму задоволството на корисниците и негувателите е клучна мотивација, но и показател дека реализацијата на социјалната реформа се одвива успешно.

Во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светската банка досега е овозможено воведувањето разновидни социјални услуги преку 34 поединечни проекти, што се спроведуваат во 41 општина. За давање на услугите досега се обучени и ангажирани над 300 лица, а тие се достапни за повеќе од 1.200 корисници.

27.09.2023 - 16:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега