Милановиќ се надева дека самитот во Скопје нема да заврши со кавга меѓу раштимани инструменти
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Скопје учествува на самитот на процесот Брдо-Бриони и се надева дека средбата во Скопје нема да заврши како претходните две во „кавга меѓу раштимани инструменти“ и кршење копја при усвојувањето на завршна декларација.
Зоран Милановиќ и шефицата на словенечката држава Наташа Пирц Мусар се копретседавачи на иницијативата Брдо-Бриони, започната во 2013 година, чиј домаќин оваа година е претседателот Стево Пендаровски.
Лидерите ќе се осврнат на сузбивањето на последиците од климатските промени и задржувањето на младите на подрачјето на Западен Балкан.
На средбата, покрај претседателите на Хрватска, Словенија и Македонија, учествуваат и претседателите на Србија, Албанија и Црна Гора, претседателката на Косово и тројцата членови на Претседателството на БиХ.
Не долго откако беше избрана на функцијата, Пирц Мусар на својата прва средба со претседателот Милановиќ во Загреб во февруари потврди дека Словенија сака да го продолжи проектот Брдо-Бриони заедно со Хрватска.
По тој повод, Милановиќ изрази надеж дека средбата во Скопје нема повторно да заврши со „кавга меѓу раштимани инструменти како последните два пати“, а за тој формат рече дека „некои работи мора да се калибрираат и да се доведат во малку помирни води“.
На минатогодишниот самит конечната декларација не беше усвоена бидејќи хрватскиот претседател побара во документот да се спомене уставот на трите народи во Босна и Херцеговина, што не беше договорено од двајца членови на нејзиното претседателство.
Една година пред тоа, учесниците прифатија само компромисен текст на завршната изјава поради расправиите меѓу косовската претседателка Вјоса Османи и српскиот лидер Александар Вучиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа