„Во Грција владее правото“ – Атина реагира по обвинувањата на Милановиќ дека хрватските навивачи се држат како воени затвореници

 

 

Откако хрватскиот претседател Зоран Милановиќ остро ја обвини Грција дека „хулиганите од редовите на Бед Блу Бојс ги третираат како воени заробеници“, стигна и првата официјална реакција на Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање, портпаролот на грчкото МНР, Стратос Ефтимиу рече дека „во Грција владее правото“. Тој додаде дека независното грчко судство „ќе го суди овој случај непристрасно и објективно“ и дека грчката држава секогаш гарантира почитување на законитоста и интегритетот на сите оние кои се во затворите.

„Секакви изјави кои ја искривуваат реалноста не придонесуваат за сегашната ситуација“, изјави Ефтимију, повикувајќи се на изјавите на хрватскиот претседател, пренесува „Индекс.хр“.

Претседателот Милановиќ претходно рече дека хрватските навивачи во Грција се заробени како да е војна, дека ги третираат како плевел и оцени дека односот на грчките власти кон нив нема врска со правото, демократијата и почитувањето на човечки права.

„Не е правна држава! Овие луѓе се третираат како воени заробеници. Да бев премиер ќе размислував што ќе правам. Не е лесно. Ова се граничи со воено право. Тие се третираат како заробена единица“ изјави Милановиќ вчера, коментирајќи го испраќањето на сите хрватски навивачи во истражните затвори низ Грција.

Тој додаде дека за такво можно сценарио зборувал пред неколку дена, плашејќи се дека тоа ќе биде „колективна етичка казна“.

„Сега можам да навлегувам во причините зошто тоа е направено и зошто токму во Грција и што треба Грција да добие од УЕФА и зошто им е важно одговорноста да ја пренесат на стотина Хрвати. Колку Грци се во притвор?“, праша Милановиќ.

Тој потсети дека на грчките власти – и по пет дена од приведувањето на навивачите без објаснување – не им било доволно да идентификуваат кој е одговорен, туку сите ги привеле.

„Имате пет дена да соберете една група луѓе, па да ги затворите сите и да ги расфрлите низ цела Грција за да ги тепате и силувате. Одлично, тоа е ЕУ“, рече претседателот Милановиќ.

Тој оцени дека ваквиот третман нема никаква врска со владеењето на правото.

15.08.2023 - 18:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега