Шаќири: Набавени надгледни средства по историја и географија во основните училишта
Министерството за образование и наука ги опремува кабинетите по историја и географија во основните училишта во државата со наставни и надгледни средства за реализација на наставата согласно новиот концепт за основно образование.
Процесот на опремување на училишните кабинети денеска го следеше министерот за образование и наука Јетон Шаќири, во основното општинско училиште „Мурат Лабуништи“ во струшкото село Лабуништа.
- Од септември во сите основни училишта во државата ќе бидат на располагање новите наставни и нагледни средства по историја, географија и другите предмети од групата општествени науки, со што часовите ќе станат значително поинтересни за учениците и наставната материја полесно ќе се совладува. Кабинетите по овие предмети во моментов се опремуваат со различни видови географски и историски карти, глобуси, макети на сончевиот систем, компаси и сета опрема која е неопходна за реализирање на наставата согласно новата концепција за основно образование, соопшти ресорното Министерство.
Министерот најавил инвестиција од над осум милиони денари за реконструкција на кровот, тоалетите и помошните подрумски простории во ОУ „Мурат Лабуништа“.
- Продолжуваме со инвестициите за модернизација на воспитно – образовниот процес, особено во основните училишта. Тие добиваат комплетно опремени кабинети по историја и географија, исто како што во изминатиот период добија и нови кабинети по природни науки. Оваа активност се спроведува преку проектот за модернизација на основното образование и затоа изразувам голема благодарност до Светската банка, која го финансира неговото имплементирање, изјавил Шаќири.
Тој, според соопштението на МОН, потсетил дека се интензивираат активностите за реновирање и реконструкции на основните и средните училишта. Со буџет од над 4,5 милиони евра предвидени се реконструкции во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата до крајот на годината.
- Средствата се обезбедени во буџетот на МОН, проектната единица за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти, а најголем дел од училиштата, односно 40 објекти ќе бидат опфатени со реконструктивни активности повторно со поддршка од Светската банка, се наведува во соопштението на Министерството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа