Кој е милијардерот кој се наоѓа во исчезнатата подморница: Инженер, пилот и Гинисов рекордер

 

Меѓу патниците во подморницата „Титан“, што исчезна за време на патувањето до потонатиот брод Титаник, бил и британскиот милијардер Хамиш Хардинг.

59-годишниот бизнисмен и истражувач, наводно е на подморницата која исчезна во Атлантскиот Океан и по која се уште трага. Хардинг вчера изјави дека се приклучил на најновата експедиција на Оушн Гејт на Титаник, пишува Би-Би-Си.

Хардинг објави на Фејсбук и другите социјални мрежи дека првото нуркање се обиделе да го извршат во неделата, на 18-ти јуни. Тој додаде дека на подморницата има неколку легендарни истражувачи, од кои некои направиле повеќе од 30 нуркања до Титаник од 1980-тите.

Хамиш напиша дека ова патување најверојатно ќе биде првата и единствена мисија со екипаж до Титаник оваа година поради тешките временски услови. Студирал природни науки и хемиски инженеринг на Универзитетот во Кембриџ, а подоцна се здобил со дозвола за пилот.

Минатата година тој беше наречен „астронаут“ поради учеството во комерцијален лет за Блу Ориџин, вселенската компанија на Џеф Безос. Тој го држи и Гинисовиот рекорд за обиколување на Земјата преку Северниот и Јужниот Пол.

Хардинг моментално е претседател на Action Aviation, меѓународна компанија за продажба и операции на деловна авијација со седиште во Дубаи. Во јуни минатата година, тој првпат објави дека ќе се приклучи на тимот за да ги види остатоците од Титаник.

 

 

 

20.06.2023 - 10:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега