Петровска со порака до македонските студенти кои се во посета на НАТО: Вие сте нашата иднина

 

 

Министерка за одбрана, Славјанка Петровска, денеска во Брисел непосредно пред почетокот на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана, се сретна со група на студенти од Северна Македонија кои како прво наградени од конкурсот за есеи престојуваат во студиска посета на седиштето на Алијансата.

На средбата, министерката Петровска порача дека младите се двигател на секое општество и повика на нивно активно учество во општествената дискусија и во Северна Македонија и на ниво на Алијансата на теми кои се од исклучително значење денеска – зацврстувањето на безбедноста, гарантирањето на сигурноста за секој граѓанин, одржувањето на демократијата и демократските вредности.

„Она што ние сакаме да го постигнеме со вас, младите од нашата држава е не само анимирање и свесност за тоа што значи НАТО и кои се обврските кои произлегуваат од членството, туку да помогнеме вие да се вклучите во дијалогот за она што денеска е реалност на континентот и за влијанието на гео-политичките случувања врз безбедноста на секоја земја“, рече министерката.

Петровска изрази задоволство што студентите како автори на најдоброрангираните есеи на Конкурсот кој го организираше Министерството, на тема „Северна Македонија и НАТО во 2030-та“ покажаа дека размислуваат аналитички, дека се запознаени со новите глобални текови и дека имаат и интерес и желба да бидат лидери кои заедно со младите на светско ниво ќе работат за една попросперитетна иднина.

Студентите од Северна Македонија во рамките на тродневната посетата на седиштето на НАТО во Брисел освен со министерката Петровска, денеска имаа средба и со амбасадорот на нашата држава во НАТО, Дане Талески, со помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, како и со неколку програмски директори и политички офицери во Алијансата. Исто така имаа можност во живо да присуствуваат на прес конференција на Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Министерството кое воедно беше и организатор на настанот има за цел ваквата пракса да продолжи во иднина.

14.06.2023 - 22:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега