Руски град прогласи вонредна состојба, дрон удри во станбена зграда

Беспилотно летало погоди станбена зграда во јужниот руски град Воронеж, што истражителите го нарекоа „терористички чин“ во интерес на Украина. Регионалниот гувернер прогласи вонредна состојба. Три лица се полесно повредени од скршено стакло, но не се на болничко лекување, изјави гувернерот на регионот Александар Гушев.

Рускиот државен истражен комитет, кој се занимава со тешки кривични дела, објави дека покренал кривична постапка против „лица кои дејствуваат во интерес на воено-политичкото раководство на Украина“.

Немаше официјална реакција од Украина, која не ги коментира, како што вели, наводните воени операции на руска територија.

Нападите со беспилотни летала во Русија стануваат се почести, но во области поблиску до Украина. Воронеж има повеќе од еден милион жители и се наоѓа на околу 180 километри од украинската граница.

„Одекна жестока експлозија. Врескав. А водоинсталатерот што ми го средуваше одводот го виде тоа, викаше дека тоа е дрон“,  вели сведок.

Инспекторите соопштија дека е направена штета на станбена зграда, чија фасада е делумно уништена.

Минатиот месец Русија ја обвини Украина дека лансирала две беспилотни летала во Кремљ, како што рече, обид за атентат на претседателот Владимир Путин. Киев негираше вмешаност во инцидентот.

На 30 мај Русија соопшти дека соборила или пренасочила осум украински беспилотни летала во напад на неколку населби во Москва. Советникот на украинскиот претседател негираше дека Киев е директно вмешан, но рече дека „со задоволство ги следи настаните“ и предвидува уште такви напади.

 
09.06.2023 - 15:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега