Шаќири очекува 1 септември со учебници, проблем се предметите за кои нема пријави од автори

 

Очекувам овој 1 септември да бидеме поподготвени од сите претходно. Очекувам, верувам и сигурен сум дека МОН ќе го даде максимумот за се да биде навремено и учебната година да не почне со подготвителни материјали за предметите што веќе имаат одобрени учебници. За повеќето, 80 проценти од предметите, веќе има доставено ракописи, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири. За предметите за кои не се пријавуваат автори на повиците за учебници, како што е Македонски јазик за трето одделение, истакна дека ќе бара решение ако треба, како што рече, „и со подготвителни материјали“.

-Може да имаме проблеми, но не верувам за сите предмети зашто веќе имаме ракописи. Може да се за еден, два или три предмети, но не можам да предвидам и верувам дека и за нив не треба да има проблеми.... Оваа година беше година на предизвици во две фази, и на одобрување на учебниците, и на нивно печатење. Не ме радува фактот што учебникот (по Mакедонски јазик за петто одделение) стигна на крајот на учебната година, но ме радува тоа што тој ќе биде достапен за учениците  во наредната учебна година, рече Шаќири одговарајќи на новинарско прашање по средбата со претставници на СОНК и на Американската федерација на наставници.

Како што и претходно соопшти МОН, тој појасни дека конкретниот учебник доцнел зашто  на три повици немало пријавени автори, а на четвртиот (во август) се пријавил авторски тим со предложен ракопис. Потоа тој двапати бил вратен на корекција од страна на Бирото за развој на образованието (БРО) заради усогласување на содржината со новата наставна програма за тој предмет за петто одделение. 

-Националниот совет за учебници има одобрено учебници за сите предмети во основното образование, освен за тие што последни дојдоа, што се малку на број, за еден или два предмета... Сите учебници за прво, второ, четврто и петто се одобрени и веќе имаме започната постапка, која завршува за брзо. Не можам да предвидам какви ќе бидат наредните постапки, но се ако се заврши според пропишаните временски рокови сите учебници ќе се достават навремено, рече Шаќири.

За учебниците за трето и за шесто одделение, за кои според етапната примена на Концепцијата за основно образование, новите наставни програми на БРО ќе се воведуваат од наредната учебна година, рече дека веќе има доставени ракописи од автори до МОН. На неколку повици не се пријавиле автори за Македонски јазик во трето одделение и ќе се бара, како што рече, најитно решение за да го има на 1 септември.

-Истото се случува и за шесто одделение каде што има нови програми.... Во овој период во МОН секој го дава максимумот за се да биде навремено, истакна Шаќири.

Позитивен е фактот, рече министерот, што оваа година, по неколку години, 26 наслови се испечатени и доставени во стручното образование. 

-Можеби повеќе од шест-седум па и 10 години или откога е реформирано средното стручно образование немаме доставено  учебници. Првпат оваа година се доставени учебници кои ќе се употребуваат и за наредната учебна година, посочи Шаќири и додаде дека по подолг период ќе има достава и на учебници во општо гимназиско образование. 

Во однос на  грешките во учебниците, очекува поголема внимателност од сите што се вклучени во процесот на одобрување и рецензирање, од БРО и од  Националниот совет за учебници, при што посочи дека постојниот закон не предвидува казни за авторите или за рецензентите кои дозволуваат да се одобрува учебник кој има и содржински или технички грешки и смета дека на таквите автори не треба да им се дозволи повторно да конкурираат со ракописи на наредни огласи.

Вчера заврши повикот за пријавување автори за изработка на нов учебник по Историја и општество за петто одделение откако МОН донесе одлука да се повлече претходниот поради грешки и нелогичности во содржината. Шаќири рече дека се уште нема информација дали на повикот се пријавиле автори за нов учебник.

06.06.2023 - 12:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега