Стартуваше обуката на Академијата за јавни судии и обвинители
Петтата генерација на слушатели на почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители составена од 13 кандидати денеска официјално ја почна двегодишната обука.
Сите кандидати претходно го поминаа процесот на селекција кој се состоеше од целосен приемен испит, стручен тест, тест за интегритет и психолошки тестови кои првпат се воведени во македонското судство и за кои се користени холандски искуства.
- Од вашата генерација очекувам да се изградат идни судии и јавни обвинители кои ќе го имаат потребното ниво на знаење и интегритет за да ја спроведуваат правдата исклучително врз основа на законите и другите извори на правото, кои ќе бидат отпорни на било какви притисоци, влијанија или самоограничувања и кои независно и непристрасно ќе ги штитат интересите, правата и слободите на граѓаните, им порача премиерот Никола Греувски на слушателите на петтата генерација во Академијата за судии и јавни обвинители.
Тој нагласи дека вистинскиот извор на судската моќ треба да биде силата на аргументите најдени во законот и утврдената фактичка состојба, како и јавното прифаќање на моралниот авторитет и интегритет.
- Еден од приоритетите на системот треба да биде создавањето на квалитетен кадар во судството и обвинителство кој ќе поседува знаење и вештини, но пред се интегритет и самосвест за достојно и ефикасно извршување на својата функција. Со тоа ќе претставува вистински чувар на правната сигурност на граѓаните целосно ставајќи се на страна на правото и доследно спроведувајќи го начелото на законитост и слободно судиско убедување, истакна Груевски.
Академијата за судии и јавни обвинители, потенцира, е од исклучителна важност за изградба на кадар кој ќе биде на висина на задачата. - Улогата на Академијата добива посебно на значење со оглед на фактот што со последните измени на Законот за судови изборот на судии се врши исклучиво од редот на кандидатите кои ја имаат завршено почетната обука токму во Академијата, нагласи Груевски.
Потсети дека Владата во изминативе години веќе реализираше голем број на крупни и, како што рече, револуционерни проекти во насока на зајакнување на независноста и ефикасноста на правосудството.
Министерот за правда Блерим Беџети рече дека почетната обука досега ја завршиле четири генерации со вкупно 80 кандидати од кои 71 се веќе избрани, а за преостанатите девет кандидати се бараат места во судовите и јавните обвинителства во Република Македонија.
- Почетната обука е особено значајна бидејќи со неа се зголемуваат професионалните капацитети на судиите и јавните обвинители. Таа е еден од клучните сегменти кои се директно поврзани со независноста на судството и професионалноста на судиите што е и еден од врвните приоритети на Владата и Министерството за правда, рече Беџети.
Директорката Анета Арнаудовска истакна дека во текот на седумгодишното постоење Академијата има реализирано 1.540 обуки за преку 40.000 учесници и има 80 завршени кандидати на почетната обука.
- Академијата од самиот почеток е поддржана со два успешни проекти на Европската унија, КАРДС 2004 и ИПА 2008, чии резултати се вградени во сите сегменти во секојдневното работење, а веќе е почната и реализацијата на новиот ИПА проект за зајакнување на капацитетите на правосудството за успешна примена на новиот Закон за кривична постапка, рече Арнаудова.
Таа додаде дека Академијата е силно поддржана и од амбасадите на САД, Велика Британија, Германија, Франција и Холандија, како и од УСАИД.
Евроамбасадорот Аиво Орав порача дека независното судство е едно од клучните барања за исполнување на критериумите за членство во ЕУ на секоја од земјите кандидатки.
- Процесот на пристапување во ЕУ денеска е поригиризен отколку во минатото и ги одразува заложбите на Унијата, како и поуките што сме ги извлекле од досегашните процеси. Владеењето на правото е во сржта на процесот на проширување. Тоа значи дека сите земји кандидатки треба да се справат со прашања како што се судски реформи, борба против организиран криминал и корупција уште на почетокот на процесот на пристапување, рече Орав.
Тој нагласи дека годинава и Европската комисија ја нагласи важноста на владеењето на правото и општиот квалите на правосудството.
На слушателите на Академијата им рече дека правдата не само што се спроведува, туку дека и треба да се чини дека се спроведува на начин кој не остава простор за сомнеж во непристрасноста на судството и ја зајакнува довербата на јавноста. Додаде дека квалитетот на правдата зависи од квалитетот на обуката на судиите и обвинителите и на принципите врз кои таа почива.
ФОТО: Академик.мк
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа