Директорот Тасевски на завршната конференција на ИПА 2019 проектот „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ што се одржува во Италија

 

„Општо прифатен факт е дека прекуграничниот криминал во денешно време бара координиран пристап и висока специјализација на сите инволвирани истражители, преку усогласено делување на правосудните и полициските органи, при што заедничките иницијативи во рамки на меѓународната соработка се главна движечка сила за обезбедување ефикасен контра-одговор. И всушност, тука се вклопува проектот, кој се фокусираше на зајакнувањето на капацитетите на државите од регионот за унапредување на националните капацитети за ефикасно спроведување на истраги и јакнење на меѓународната полициска и правосудна соработка, особено преку имплементација на најдобрите практики на ЕУ во кривичните истраги“.

Ова меѓу другото, го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски во своето денешно обраќање во рамки на завршната конференција на ИПА 2019 проектот „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ на која што, во организација на ЕУ, италијанското МВР и Германската агенција за меѓународна соработка, учествуваа шефовите на полициите на земјите од Западен Балкан. 

Директорот Тасевски говорејќи во рамки на првиот панел од конференцијата околу импактот и додадените вредности од овој проект потенцираше дека преку најразлични форми на поддршка во предистражните постапки и истрагите – советодавна, логистичка, техничка и финансиска, поддршка на координирани истраги и заеднички истражни тимови, проектот послужи како корисна алатка за поддршка на полициските службеници и јавните обвинители во борбата против организираниот и транснационалниот криминал.

“Ценам дека проектот придонесе да се унапреди координацијата и соработката на полицијата и Јавното обвинителство преку зајакнување на способностите за размена на информации со нивните партнери на регионално, но и пошироко, на ниво на ЕУ, како и за спроведување на заеднички оперативни активности“, потенцираше Тасевски.

Oваа завршна конференција се реализираше во четири тематски специфицирани панели произлезени од анализата на самиот ИПА проект, кои се однесуваа и на изградените организациски капацитети и нивната одржливост; како и на соработката со ЕУ и со меѓународните и регионални агенции. Инаку, на маргините од конференцијата директорот Тасевски имаше средба со генералниот директор за јавна безбедност на Италија Виторио Писани, на која што се разговараше за досегашната извонредна соработка меѓу двете полиции и за можностите на продлабочување на тоа партнерство.

30.05.2023 - 16:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега