Почна откупот на тутун во Прилеп

 

Прилспскиот тутунски комбинат денеска ги отвори пунктовите во Прилеп и во трите населени места, Мажучиште, Црнилиште и Тополчани, каде ќе се преземаат по 60 тони дневни, а од понеделник планирано е да се отворат уште 15 откупни пунктови. 

Генералниот директор на Тутунскиот комбинат, Александар Дерменџиев истакна дека е предвидено од кооперантите да се откупат околу 3.000 тони во вкупна вредност од осум милиони евра.

Дерменџиев истакна дека проблем со исплатата нема да има и ќе биде во законски одредените термини, а откупот ќе се одвива исклучиво според законските прописи, но цената ќе ја диктира пазарот.

-Годинашниот род е квалитетен, но цената ќе зависи од понудата и побарувачката на светскиот пазар. Годинава производството во околните земји е енормно зголемено, а побарувачката за ориентален тутун е намалена. Пазарот цената, изјави Дерменџиев.

Некои тутунари се незадоволни од проценката по класи кај другите откупувачи. Како што велат од Државниот инспекторат за земјоделство, може да ја оспорат до второстепена комисија.

- Има одредено незадоволство кај тутунарите. Досега се регистрирани седум или осум оспорувања на проценката до второстепената комисија. Проверката покажала нова процена, повисока за 30 до 40 проценти во корист на тутунарите. Пораката до откупувачите е реално да ценат, зашто казните и глобите се големи, илјадници евра за правното лице, а ќе биде казнето и одговорното лице – проценителот, изјави Благоја Дунимаглоски, државен земјоделски инспектор.

Пуунктовите за откуп досега ги отворија Сокотаб од Битола, Алијанса од Кавадарци и Струмица табак.

Годинашната реколта се проценува на 30.000 тони тутун. Производителите ќе добијат и по 60 денари субвенција од државата за секој откупен килограм. Според Законот, до 15-ти декември сите откупни претпријатија мора да ги отворат пунктовите за преземање на тутунот. 

11.12.2013 - 15:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега