Сослушување во американскиот Сенат за влезот на Северна Македонија во ЕУ, и за Западен Балкан
САД да ја поддржат Северна Македонија за потребните уставни промени кои можеби изгледаат минорни, но се политички доста тешки, изјави денеска Дерек Шоле, советникот на Стејт департментот на сослушување за Западен Балкан во Комитетот за надворешни работи на Сенатот.
Шоле го одговори ова на прашање на демократскиот сенатор од Конектикат Крис Марфи: „Кажете ми малку за тоа кои се опипливите придобивки што би ги добила Северна Македонија со влезот во ЕУ? Зошто е навистина важно за нив некако да ги решат нивните разлики со Бугарија за да можат да влезат во Европската унија?“
-Тие треба да донесат некои тешки одлуки во однос на уставните промени кои од нив се бара да ги направат. Тие се подготвени да ги направат тие промени, но политиката е тешка. И тоа што треба да слушнат од сите нас е нашата поддршка да ги направат овие промени кои би изгледале минорни, но се политички доста тешки, а тоа ќе помогне да се отклучи следната фаза од нивниот процес за пристапување во ЕУ, одговори Шоле.
Додаде дека Северна Македонија е одличен партнер, НАТО сојузник и регионален лидер.
-Цврсто ја поддржуваме натамошна целосна европска интеграција на Северна Македонија и Албанија. Повторно, тие се одлични НАТО сојузници. Минатиот јули го отворија нивниот пристапен процес со ЕУ што силно го поддржуваме, изјави тој.
За поддршката на САД за интеграцијата на регионот во ЕУ зборуваше и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар. Рече дека Северна Македонија и Албанија се цврсти НАТО сојузници и корисни партнери во нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
-За да ги продолжи своите аспирации кон ЕУ, Северна Македонија е посветена да донесе уставни промени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, изјави Ескобар.
Тој рече Северна Македонија е земја која направила сè што е потребно за да премине на следниот чекор и додаде дека според него го заслужува следниот чекор. -И мислам дека сите, и во рамките на Европската унија, и во политичките структури на Северна Македонија, треба да направат сè што е можно за ова да успее, додаде тој.
Ескобар рече дека од опозицијата не се бара да го поддржи премиерот, туку евроатлантскиот пат на Северна Македонија.
-Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија, нагласи тој.
И Шоле и Ескобар зборуваа за корупцијата во регионот и за санкциите на САД за справување со неа.
-Постојано целиме и работиме со нашите сојузници и партнери, и ги координираме нашите напори за санкции. Значи, ова е нешто што сметаме дека е важна алатка. Но, тоа не е единствената алатка што ја имаме за борба против корупцијата, рече Шоле.
Според него, канцеларијата на координаторот за антикорупција на Стејт департментот Ричард Нефју размислува за проекти за борба против корупцијата во регионот.
На распитот се зборуваше и за Отворен Балкан, односите меѓу Србија и Косово, справувањето со влијанието од Кина и од Русија, дезинформациите и потребата од диверзификација на енергетскиот пазар.
-Се согласуваме дека енергетската диверзификација како и трансформацијата од фосилни горива во обновливи извори, е клучен приоритет за оваа администрација, рече Ескобар.
Повтори за инвестициите во енергетиката во Албанија и во другите делови на регионот.
-Ние веруваме дека земјите склучуваат договори кои ќе помогнат да се диверзифицираат нивните енергетски извори далеку од Русија, и ние го поддржуваме тоа. Ќе ја поздравиме дополнителната поддршка од американската влада за сите тие напори, рече Ескобар
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа