Детектор анкета: Граѓаните против францускиот предлог и преговарачката рамка со ЕУ
Мнозинството граѓани се против преговарачката рамка која Владата ја договори со Европската Унија и сметаат дека со тоа Македонија се става во потчинета положба. Ова се резултати од истражувањето на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, 55,7% од граѓаните се против преговарачката рамка додека 28,1% даваат поддршка.
Етничката анализа на одговорите дава интересни податоци според кои, Македонците и Албанците имаат сосема различни ставови. Додека 70% Македонци се против преговарачката рамка, дури 75% Албанци даваат поддршка. За преговарачката рамка се само 13,2% од Македонците додека против неа се само 11,5% етнички Албанци. Оттука јасно се диференцираат и средините во кои доминираат етнички Албанци па така против преговарачката рамка најмалку граѓани има во полошкиот регион, а најмногу во вардарскиот без Скопје и на Југоистокот.
Граѓаните се поделени околу можноста да се преговара за нова рамка. 37,1% сметаат дека тоа е можно додека 36,4% сметаат дека репреговарање на преговарачката рамка не е опција.
Тука нема некоја голема разлика меѓу ставовите на доминантните етнички групи. Кај Македонците 36,3% сметаат дека може а 36,7% дека не може повторно да се преговара за нова рамка. Кај етничките Албанци, 40,6% се на ставот дека е можно да се договори и нова преговарачка рамка додека 34,9% дека не може.
Близу две третини од граѓаните велат дека имаат доволно информации за францускиот предлог. Ваков став делат 59,1% од анкетираните додека една третина или 33,9% рекле дека немаат доволно информации за преговарачката рамка.
Македонците се подобро информирани од Албанците. 66,2% од етничките Македонци рекле дека имаат доволно информации за францускиот предлог со кој се тргна бугарското вето, додека 44,5% етнички Албанци велат дека не се доволно информирани.
На близу половина од граѓаните воопшто не им е позната разликата меѓу францускиот предлог и преговарачката рамка. Ваков став имаат 49,6% од анкетираните додека 31,1% рекле дека ја знаат разликата.
Граѓаните во мнозинство сметаат дека преговарачката рамка е на штета на македонските национални интереси. 50,9% од анкетираните се согласуваат со тврдењето дека оваа преговарачка рамка ја става Македонија во потчинета положба и претставува вовед во Бугаризација на земјата. Само 21% од анкетираните се согласуваат со тврдењето дека Преговарачката рамка ги зема предвид повеќето македонски барања и го гарантира македонскиот идентитет.
Но Македонците и Албанците имаат дијаметрално спротивни ставови.
Додека 62% од Македонците сметаат дека преговарачката рамка е вовед во бугаризација на Македонија, дури 54,4% од Албанците се на ставот дека преговарачката рамка го гарантира македонскиот идентитет. Најзагрижени дека преговарачката рамка е вовед во бугаризација се повозрасните и граѓаните меѓу 30 и 39 годишна возраст. Најмала е загриженоста кај најмладите.
Близу половина од граѓаните или 48,4% сметаат дека има многу дезинформации по ова прашање, додека 26,9% велат дека нема дезинформации.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа