МОН: Заедно да ставиме крај на училишното насилство
Да градиме мирна и хармонична училишна средина без било какви облици на насилство. Да создадеме амбиент во кој младите ќе се фокусираат исклучиво на вистинските цели на воспитно – образовниот процес, на стекнувањето знаења и вредности кои ќе ги направат да бидат добри луѓе, а насилството воопшто нема да биде тема. Потребна е средина во која ќе преовладува толеранцијата, младите ќе ги почитуваат меѓусебните разлики и нема да гледаат на нив како поводи за конфликти.
Ова се пораките кои МОН ќе ги испрати до сите чинители на образовниот систем преку нова кампања за подигнување на свеста особено кај младите, за важноста на мирот, ненасилно и толерантно однесување во и надвор од училиштата.
„Ќе се обидеме да допреме до сите, до учениците, наставниците и другите вработени во училиштата, родителите и старателите, да укажеме дека важен е придонесот на секој од нас во остварувањето на целта. Неопходно е да се даде предност на вербалниот дијалог помеѓу учениците и на мирното решавање конфликти. Да ја зголемиме свесноста за последиците од евентуално девијантно однесување, кои видовме дека можат да бидат катастрофални“, се наведува во соопштението од МОН.
МОН упатува апел до сите граѓани, доколку биде забележан било каков облик на насилно однесување во училиштата, да биде пријавен на електронската адреса [email protected], односно [email protected], или пак до стручните служби во училиштата, со цел навремено да се реагира и да е спречат посериозни инциденти и последици.
„Само заедно можеме да ставиме крај на училишното насилство“, се потенцира во пораката на Министерството за образование и наука.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа