Влада отвора веб сајт за пријавување на врсничко насилство
Владата на Република Северна Македонија, денешната седница ја започна со едноминутно молчење и оддавање почит кон жртвите во двата ужасни инцидента, што се случија во Република Србија, во Белград и во близина на Младеновац.На владината седницата надлежните министерства информираа за активностите што се преземаат во нашата држава, во делот на превенција во училиштата, како и на државно ниво, за заштита од каков било вид насилство.
Од страна на Министерството за внатрешни работи е информирано дека во континуитет се преземаат активности во делот на превенцијата и дека се применуваат протоколите за безбедносна проверка за влез и излез на учениците во училиштата и околината од училиштата.
Ваквите протоколи коишто се активирани по лажните дојави за бомби, сега ќе бидат засилени со дополнителни активности од страна на МВР.Од страна на Министерството за образование и наука е информирано дека се изготвува прирачник за училиштата за постапување по однос на превенција од врсничко насилство и други видови насилство, како и дека се работи и на зајакнување на стручните психолошко – педагошки служби, таму каде има потреба.
Воедно, од денеска е отворена и електронска адреса [email protected], или на албански [email protected] каде што едноставно, со една порака ќе се пријавува врсничко насилство и по секоја пријава ќе се постапува веднаш.
Исто така, разгледани се можностите за одржување средби помеѓу задолжени екипи на МВР и педагозите и психолозите во училиштата, според предвидена динамика, со цел да се придонесе во пријавувањето евентуално врсничко насилство, или други видови проблеми од надлежност на министерствата за внатрешни работи и за образование и наука.
Со цел вклучување на сите засегнати министерства, следуваат средби како со МВР, така и со Министерството за труд и социјална политика и со Министерството за здравство.
На владината седница задолжени се Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи да изготват Стратегија за превентивни активности, со чекори на државно ниво по којашто ќе бидат задолжени да постапуваат сите училишта, со цел рана превенција и заштита од несакани инциденти во училиштата и надвор од нив.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа