Договорот со „Бехтел и Енка“ ќе се разгледува на затворена седница и ќе присуствуваат само пратеници со безбедносен сертификат
Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ во Собранието ќе се разгледува на затворена седница и ќе присуствуваат само пратеници кои имаат безбедносен сертификат.
Ова денеска го објави прес-службата на собранискиот спикер, Талат Џафери по завршувањето на редовната координација со координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии во Собранието.
-Една од точките на Дневниот ред беше и претставувањето на Договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д пред пратениците во Собранието. Со оглед на тоа што Договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина, Договорот ќе се разгледува на седница на Комисија која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати, се вели во дописот од прес-службата на Џафери.
Како што велат оттаму, опозицијата ќе треба да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот.
-Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација; опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста, велат од Собрание.
Претходно пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на Фејсбук обвини дека владејачкото мнозинство ќе бара изговори за пратениците да не го добијат Договорот.
-Во Собранието денеска владеачкото мнозинство ќе се обиде на координација да наоѓа изговори како пратениците да не го добијат коруптивниот Договор за прескапите автопати и на која Комисија би требало да се разгледува, вели Милошоски.
Пратеникот потсетува дека матична Комисија во Собранието каде треба да се разгледува Договорот е само Комисијата за транпорт, врски и екологија.
-Иако за втората тема нема дилеми, Комисијата за транспорт е надлежното работно тело кое разгледува материјали за изградба на инвестициони објекти во транспортот и патниот сообраќај. Секоја друга импровизација ќе биде само уште еден обид овој Договор да се држи во тајност, напиша Милошоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа