Ни седница, ни нов датум: Не успеа и вториот обид Судски совет да си најде претседател
Пропадна и вториот обид да се избере претседател на Судскиот совет, откако Весна Дамева беше разрешена од функцијата. Седницата закажана за во 11 часот не се одржа, а дека ќе има одложување се знаеше уште пред да започне. Официјалната причина за одлагање не е позната, иако, неофицијалната е дека нема мнозинство за избор на нов прв човек на Советот.
„Седницата е одложена, без да бидат наведени причините, битно е само да бидете информирани дека нема да има седница“, велат од обезбедувањето пред вратите на Судски совет, кога претставници на невладината организација „Коалиција за правично судење“ се обидоа да влезат.
За разлика од првиот пат, овде немаше ни обид за седницата да започне, ниту гласање за таа да се презакаже за нов датум. „Макфакс“ се обиде да добие информации за оправдувањата за одлагањето, но не успеа да стапи во контакт со надлежните од Судскиот совет.
Два табори има во Судскиот совет. И на минатите седница тие беа поделени. Дел беа за Дамева да биде разрешена, други пак, против. Поделеноста беше и на минатата седница, кога се гласаше за одлагање.
Низ правните кулоари се шпекулира дека наследник на претседателската функција ќе биде Сашко Георгиев. Но ќе биде избран, кога ќе се постигне договор помеѓу членовите на состанок, за потоа да го излгасаат пред јавноста.
Разрешувањето на Дамева наиде на низа критики.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа