Аврамовски: Разрешувањето на Дамеска е преседан, целосно отстапува од законот и процедурите

 

Дарко Аврамовски од Коалиција сите за правично судење смета дека разрешување на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, наводно поради тоа што го криела писмото од амбасадорката на САД Ангела Агелер, претставува преседан, бидејќи не е испочитуван ниту законот ниту подзаконските акти.

-Тоа писмо е насочено на повеќе чинители во правосудниот сектор, а некои очигледно и успеале да се пронајдат во тоа писмо. Јас се надевам дека ќе преземат нешто во врска со тоа. Што се однесува до разрешувањето на Дамева, беше изненадување и покажува дека критиките од САД имаат поголемо влијание од домашните. Како и да е, самото разрешување беше изведено на таков начин што претставува преседан, вели Аврамовски во гостувањето во Студио 10 на ТВ 24.

Според него, наводно реформите во судството започнале со СЈО во 2016 година, но, очигледно е, вели, дека ни треба конзистентност, бидејќи ние започнуваме акции но не ги довршуваме, а сега повеќе немаме време и мора итно да се решаваат проблемите во судството.

-Немаме индикатори со кои можеме да потврдиме политичко влијание, но факт е дека има нетранспарентно постапување на Судскиот совет во континуитет. Оттука произлегува впечатокот дека станува збор за внатрешни пресметки или надворешни влијанија во Судскиот совет со начинот на кој беше разрешена претседателката на Судскиот совет. Ниту законот, ниту подзаконските акти не дозволуваат разрешување од местото претседател на Советот без да биде разрешена и како член на Советот, вели Аврамовски.

Тој оценува дека е прекршен Деловникот на Судскиот совет.

-Целосното отстапување од процедурите и нивото на дискусија и дебата која наликуваше на инфантилно препукување, остава впечаток како да беше разрешен претседател на куќен совет. Отсуството на отчетност и свест за последиците што ги оставаат остава простор за шпекулации за мотивите на овој чин, вели Аврамовски.

Ова е, смета тој, само почеток, а не разрешница на нештата. На денеска закажаната нова седница, очекува да се види како ќе се одвиваат нештата со оглед дека не беше испочитуван деловникот.

-Секој што е дел од правосудството треба да почне да презема одговорност, а не да се иззема. Одговорност во смисла на преземање на сите позитивни и негативни нешта во професијата и да почнат поединечно да се подобруваат за целата ситуација да се промени. Преку ноќ не може да се проми целиот систем, вели Аврамовски. 

27.04.2023 - 11:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега