Народната банка го одбележува монетарното осамостојување преку едукативна кампања „Денарот го славиме“
Народната банка во текот на претстојната седмица ќе реализира повеќе активности во насока на чествување на триесет и една година од монетарната самостојност, односно воведувањето на денарот како национална валута и осамостојувањето на Народната банка, под мотото „Денарот го славиме!“. Прогласувањето на монетарната самостојност на 26 април е значаен настан за нашата држава, а воедно и значаен чекор во заокружувањето на нејзината независност.
Низ годините Народната банка се градеше и се воспостави како современа, кредибилна и меѓународно призната, независна централна банка, но и како институција којашто ја поттикнува научната мисла и работа, постојаната едукација и финансиска писменост. Оттаму, во рамките на неделата на чествување ќе биде доделена и Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи.
За патот на креацијата и воспоставувањето на македонските книжни пари, се изработени два едукативни видеозаписа од страна на вработени во Музејот на Народната банка, Маја Хаџиманева, Ефтимија Павловска и Дијана Ванчевска. Видеозаписите, покрај тоа што ќе бидат објавени, ќе бидат доставени и до училиштата ширум земјата за да послужат во натамошниот едукативен процес за нашата историја и валута.
Со цел да се споделат историскиот процес и вредностите од кои се воделе носителите на политиките при монетарното осамостојување, подготвени се видеоизјави на дел од оние кои учествувале директно во процесот на воспоставување и градењето на монетарната независност, сопствената валута, но и придонесле и придонесуваат за афирмација на Народната банка како современа и кредибилна институција. Изјавите на сите досегашни гувернери Борко Станоевски, Љубе Трпевски, Петар Гошев, Димитар Богов, Анита Ангеловска-Бежоска, на други општествени чинители како Џевдет Хајредини, Трајко Славески, Михаил Петковски, Абдулменаф Беџети, Таки Фити, Глигор Бишев, Ванчо Каргов, како и видувањата вицегувернерките Емилија Нацевска и Ана Митреска ќе бидат објавени во текот на следните две недели на социјалните мрежи. Во рамките на чествувањето ќе бидат објавени и документи од Архивот на Народната банка, поврзани со монетарното осамостојување, коишто имаат непроценлива историска вредност за македонската историја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа