Тајван купува 400 противбродски ракети „харпун“ од САД за да ја одврати кинеската „инвазија“
САД ќе му обезбедат на Тајван 400 мобилни противбродски ракети „харпун“ – кои се лансираат од копно- во вредност од 1,17 милијарди долари за да може да одврати потенцијална кинеска инвазија од море, пренесува „Блумберг“ цитирајќи го претседателот на Американско-тајванскиот деловен совет, Руперт Хемонд-Чејмберс, и други познавачи на ситуацијата.
На 7 април, американската морнарица му додели на „Боинг“ договор за снабдување со 400 ракети „харпун“ и соодветна опрема за поддршка за неименуван примач со речиси 630 милиони долари резервирани за воена продажба во странство, според американското Министерство за одбрана.
Со договорот ќе се комплетира продажбата „тешка“ 2,37 милијарди долари на 100 системи за крајбрежна одбрана „харпун“ (HCDS), 400 проектили „харпун блок 2“ и 25 радарски камиони кој беше одобрен од американскиот Стејт департмент во октомври 2020 година.
Во март 2022 година, морнарицата го додели договорот за 100-те фрлачи и 25 радари, но не и за ракетите.
На американското Министерство за одбрана му беа потребни речиси две и пол години да додели договор за производство и испорака на ракетите „харпун“ за Тајван, а вкупниот износ на заостанатото оружје за Тајван е речиси 19 милијарди долари.
Претходно во април, американските медиуми објавија дека американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разгледува повеќе од 80 внатрешни препораки од тимот на Пентагон задолжен да го забрза процесот на продажба на странска војска, а една од основните причини за реформите е заостанатото оружје за Тајван.
Иако Вашингтон одамна одржува политика на „стратешка двосмисленост“ кон Тајван – намерно оставајќи го нејасно дали ќе го брани Тајпеј во случај на напад – претседателот Џо Бајден во повеќе пригоди изјави дека американските сили, всушност, ќе му помогнат на Тајван.
Претставници на неговата администрација, од друга страна, се дистанцираа од некои од тие коментари, инсистирајќи дека американската политика сепак не е променета.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа