В понеделник истекува рокот за номинирање претставници во работната група за уставни измени

 

В понеделник истекува рокот што Министерството за правда го постави во дописот до институциите и политичките паретии да номинириаат претставници во работната група за измени на Уставот. Дописот беше испратен во вторникот до Кабинетот на Претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и парламентарните политички партии кои треба да одговорат најдоцна до 10 април. Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставно право.  Претседателот Стево Пендаровски завчера потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, кажа дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од СЕП кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Во меѓувреме, Софија повтори дека уставните измени се внатрешно прашање на Северна Македонија.

На заедничката прес-конференција вчера со српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ, Маричиќ рече дека СЕП активно ќе учествува во таа работна група и ќе номинира лице што ќе биде претставник од Секретаријатот и со допис до понеделник ќе го информира Министерството за правда.

-Секако, ќе биде лице со искуство и кое долго работи на тие прашања и што ќе може да даде соодветен придонес во работната група. Се уште не е дефинирано, но најдоцна  до понеделник ќе го соопштиме и на јавноста, рече Маричиќ на заедничка прес-конференција со министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ.

Нагласи дека се работи за многу важна работна група и се надева дека и сите политички партии  ќе номинираат свој претставник. Ги повика да учествуваат во разговорот за процесот на уставни измени затоа што прашањето, како што рече, „порано или подоцна ќе дојде во Собранието и политичките партии ќе треба да се изјаснат“.

Наместо ставови да се изнесуваат секој ден на прес-конференции, изјави и со партиски препукувања, таа работна група, рече Маричиќ,  е вистинското место за дискусија, за размена на идеи, давање предлози и за дефинирање на Преамбулата и двете точки што треба да се променат во Уставот.

-Од таа работна група да извадиме еден предлог кој потоа ќе најде свој простор за дискусија  и во општеството и во Собранието. Многу е попрактично и поодговорно за државата да учествуваат сите политички партии, и јас ги охрабрувам да не се плашат и да учествуваат. Бидејќи јавно ги изнесоа ставовите, тие ставови да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до едно заедничко решение, најдобро решение, и да изградиме македонски модел за вградување на овие три заедници или колку и да бидат, што се заинтересирани да влезат во Преамбулата на Уставот, и да го овозможиме тоа. Сметам дека на тој начин ќе се демистификува процесот повеќе отколку ако го задржиме на ниво на дневни изјави и политички препукувања. Ние ја поставуваме масата за разговор и ги каниме сите да седнат на таа маса и да разговараме, истакна вицепремиерот за европски прашања.

Во однос на евроинтеграциите, одговарајќи на новинарско прашање, на што се должи оптимизмот и ентузијазмот на двајцата министри за влез во Унијата, вицепремиерот Маричиќ рече дека тој се должи на нивната работа и заложба.

- Мислам дека оптимизмот го делиме на две-три работи. Прво, на нашата работа, второ, на геополитичкиот момент врзан со војната во Украина и тоа што има расположение кај членки на ЕУ да разговараат за следно проширување, првпат после долго време и наша должност е врз основа на тоа што ние го испорачуваме, а немаме ни малку лесни задачи. Напротив, имаме многу тешки задачи во нашите преговарачки рамки, во сите поглавја не очекува многу работа и имаме плус на тоа тешки билатерали прашања коишто мораме да ги решаваме, рече Маричиќ. 

Министерката Мишчевиќ, пак, рече дека она што се обидуваат тие е да ги сменат нашите општества и држави преку различни процеси на реформи.

- Кога зборуваме за борбата против корупција или кога се зборува за Србија ние всушност изработуваме нова стратегија за борба против корупција по воведување на независното тело од 2009 година и Стратегијата на делување сега сме на чекор или во оној момент кога можеме јасно да кажеме што се „фалинките“. Она што забележавме дека недостига во оваа јасна борба против корупција е превенција, спречување, поцврсто кривично гонење на оние коишто се занимаваат со коруптивни работи. Помеѓу тоа имаме еден голем простор за работа, а тој се нарекува планови на интегритет за секоја професија, кои се процедурите коишто ние како луѓе коишто работиме во државната управа мораме да ги испочитуваме за да докажеме дека вршиме добри активности, рече Мишчевиќ, која вчера беше во официјална посета на Скопје.  

Во меѓувреме, бугарскиот технички премиер Галаб Донев во интервју за бТВ рече дека Бугарија не сака да се меша во внатрешните работи на Република Северна Македонија, дека уставните измени и носење други закони секоја држава треба да ги решава согласно внатрешната практика и оти не е точна интерпретацијата дека Софија сакала да учествуваме во тој процес.

Донев, како што пренесе БТА, потсети дека земјава презела ангажман да ги вклучи Бугарите во Уставот заедно со сите останати наброени народи, со што, како што рече, ќе им бидат гарантирани нивните права.

Според него, нормално е Република Северна Македонија да ја исполни преземената обврска, којашто не е само кон Бугарија, туку кон сите земји членки на ЕУ.

- Затоа што Република Северна Македонија, потпишувајќи го договорот за присоединување и отпочнување преговори со ЕУ, го потпиша тој договор со сите земји членки, рече Донев.

На прашањето дали Бугарија треба да стави повторно вето на Северна Македонија за членство во ЕУ, Донев рече дека тоа не е најправилното решение, туку треба да се бара позитивен дијалог и патишта за да се приближат позициите. 

- Бидејќи Република Северна Македонија има желба да стане членка на ЕУ, треба да ги почитува принципите врз кои се темели Унијата, изјави Донев.

Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков завчера на брифинг за новинари појаснил дека „процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Република Северна Македонија“, но, притоа нагласил дека „Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус што на кој било начин е различен од оној од другите уставно признати делови од народите во Република Северна Македонија“.

Во средата, тој на брифинг со новинари, како што пренесе БНР, кажал дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, на што македонското МНР истито ден експресно излезе со реакција, потенцирајќи дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Северна Македонија.

Вчера и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски потенцираа дека уставните измени се внатрешно прашање на земјава. 

 

08.04.2023 - 10:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега