Шаќири: Mладите сè повеќе одбираат да изучуваат и работат во областа на информатичко - комуникациските технологии
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири се сретна со Хира Мемети, полуматурантка во основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Скопје, со која разговараше за нејзините идни планови за продолжување на средното и високо образование во земјава. Деветоодделенката истакна дека себеси се гледа како успешен програмер кој ќе гради професионална кариера во ИТ секторот. Своето образование сака го продолжи во Математичко – информатичката гимназија.
„Имав прилика да разговарам со оваа исклучително талентирана полуматурантка, околу нејзините планови за иднината за продолжување на образовниот процес и градење успешна професионална кариера по завршување на високото образование. Хира покрај редовниот образовен процес и постигнатиот успех во училиште, слободното време го користи за надоградување и стекнување знаења и вештини од областа на информатичките науки. Од тоа што го слушнав, изборот на ИТ областа е тренд помеѓу младите и од нејзината генерација“, вели министерот Шаќири по разговорот со ученичката.
Министерството за образование и наука во континуитет креира политики и мерки за стимулирање на учениците за насочување кон средно стручно образование, креира нови образовни профили и го зголемува бројот на дуални паралелки во училиштата во земјата, а воедно и ги поттикнува средношколците своето образование да го продолжат на некој од техничките факултети.
„Давам целосна поддршка на сите млади кои својата иднина ја гледаат во науката, информатичката технологија и машинската индустрија, а дополнително и ќе продолжиме да ги стимулираме да останат и го продолжат својот образовен и професионален развој овде дома, каде што им е и местото. Отворивме Математичко - информатичка гимназија за талентирани млади, а доделуваме и стипендии за талентирани средношколци од овие области, како и стипендии за упис на ИТ факултети. Тоа е иднината и затоа ги советувам сите полуматуранти, во пресрет на уписите во средно да се фокусираат на стручните училишта и секако, понатаму да продолжат на некој од техничките факултети кои ветуваат подобра иднина тука во својата земја“, порачува Шаќири.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа