Алиу од Брисел: Дигиталната трансформација на општеството е висок приоритет на Владата

 

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, денеска во Брисел ја предводи македонската делегација која одржа билатерален скрининг состанок за Поглавјето 10 - Информатичко општество и медиуми. На состанокот со претставниците на Генералниот директорат за соседство и политика на проширување (DG NEAR) и Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржини и технологија (DG CONNECT), се дискутираше за повеќе аспекти на нивото на усогласеност на правниот систем во земјава во однос на европското законодавство.

Министерот Алиу, во оваа прилика истакна дека реформите во делот на информатичкото општество и медиумите се високо на агендата на Република Северна Македонија и истите претставуваат предуслов за дигиталната трансформација на општеството кон која агилно се насочени МИОА и Владата.

Министерот Алиу даде краток осврт на напредокот во усогласувањето со ЕУ законодавството во областите електронски комуникации и регулација, аудиовизуелни и медиумски политики и е-услуги.

Тој потенцираше дека во делот за роаминг, веќе постои намалување на трошоците за роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан, а пред некој месец и помеѓу Западен Балкан и Европската Унија – при што постои константно следење и усогласување на националното законодавство со ЕУ Radio Spectrum Policy. Министерот укажа и на тоа дека во Република Северна Македонија двата постоечки мобилни оператори веќе нудат 5G услуги.

Алиу информираше дека Владата има Национален оперативен бродбенд план(НОБП) кој е целосно усогласен со правилата за национални “бродбенд” таргети усогласени со ЕУ и дека е формирана Национална канцеларија за бродбенд компетентност, која континуирано учествува на состаноците на EU BCO мрежата.

На почеток на оваа година, како што кажа Алиу, обезбедена е техничка помош од EU Integration Facility за подготовка на Студија за изградба на физичка backhaul оптичка инфраструктура од градовите до белите зони (согласно НОБП) чии оптички влакна ќе ги користат операторите за да обезбедуваат бродбенд услуги во белите зони.

Тој додаде дека од овој месец започна и процесот на мапирање на покриеноста со VHCN мрежи (Very high capacity network), што ќе преставува и прв чекор за идниот процес на усогласување на националните “бродбенд” таргети со “бродбенд” таргетите во Дигиталниот компас. 

Во однос на активностите за наредниот период, Министерот Азир Алиу потенцираше дека фокусот ќе биде насочен кон усвојување на Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, (согласно НИС Директивата), усвојување на Национална стратегија за cyber безбедност на мрежи и информациски системи како и формирање на Национален координативен центар за сајбер- безбедност.

Значаен чекор во реформскиот пат кој претстои, како што презентираше министерот Алиу, е и усвојувањето на Национална ИКТ стратегија која ќе се базира на ЕУ Дигиталниот компас, а исто така во полн ек се реализира и процесот на усогласување на националното законодавство со Директивата за аудио-визуелни медиумски услуги кој се реализира со целосна инклузивност на сите засегнати страни.

21.03.2023 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа