Се забранува користење ратраци за скијачки тури на Шар Планина
Директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Ибрахим Дехари донел одлука со која се забранува организирање на туристички активности – скијачки тури со ратрак на територија на националниот парк.
Според образложението во одлуката, мерката се воспоставува заради спречување на оштетувањето и уништувањето на биолошката и пределска разновидност, деградација на почвата и губење на нејзината плодност и оштетување врз живеалиштата квалификувани во Планот за управувањето со Националниот парк Шар Планина.
– Ратраците се идентификувани како едни од потенцијалните најголеми закани за заштитеното подрачје со оштетувањата кои ги прават машините во услови на недоволна снежна покривка. Во неколкуте контроли извршени на теренот на кој се организираат ваквите активности евидентирана е потребата за регулирање на оваа дејност. Мерката се воспоставува со цел да се обезбедат поволни услови за заштита и унапредување на природата се до моментот на спогодба за регулирање на меѓусебни права и обврски помеѓу вршители на дејноста и ЈУНП, се наведува во одлуката потпишана од директорот Дехари.
Одлуката се однесува на неопределен временски период, со исклучок од 20 до 25 март за терени на северната страна на кои имаа доволна снежна покривка за завршување на скијачката сезона.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа