Ковачевски: Да подадеме рака секаде и секому
На настанот присуствуваа и министри во Владата на Република Северна Македонија, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународни организации, претставници на локалната самоуправа, претставници на компании, како и поддржувачи на Црвениот крст.
Целта на денешната донаторска акција беше да се обезбедат вкупно 1 милион евра, што и се постигна, со што се заокружи хуманитарната помош за Турција и Сирија, за чии настрадани подрачја досега се обезбедени над 960.000 евра, а доставена е и хуманитарна помош во материјални добра во вкупна вредност од над 91.000 евра.
„Седумдесет и осум години хуманитарност, солидарност, пожртвуваност, издржливост, ублажување на страдањето на луѓето и пружање рака секаде и секому. А, со истото несебично залагање за овие трајни вредности, посакувам Црвениот крст да продолжи уште многу, многу години“, порача премиерот Ковачевски, во неговото обраќање за време на одбележувањето на седумдесет и осум годишнината од основањето на Црвениот Крст на Република Северна Македонија.
Тој потсети на досегашната помош за настраданите подрачја, нагласувајќи дека Владата издвоила близу 100.000 евра помош за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција, при што, повеќе институции биле задолжени за испраќање тимови со соодветна опрема, на кои им изрази благодарност.
Зборувајќи за општата поддршка на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, премиерот, исто така, потенцираше дека Владата донела одлука и за одобрување на буџетски средства за 2022 година, во износ од над 243.000 евра, како финансиска помош за делување при итни состојби.
Премиерот Ковачевски упати повик до сите граѓани да се вклучат во денешната донаторска хуманитарна акција за помош на настраданите подрачја од земјотресите во Турција и Сирија.
„Мисијата на Црвениот крст на нашата држава е да работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедување почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, како и да го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, како и да поттикнува доброволно ангажирање и постојано подготвување за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост.
Ваквите заложби се нагласени во визијата на оваа хуманитарна организација, каде се вели дека таа делува, поттикнува и промовира хумани вредности за навремено да одговори на современите хуманитарни предизвици.
Последен таков предизвик беа земјотресите во Турција и Сирија, кои беа и повик до сите нас повторно да ја покажеме нашата солидарност и хуманост. Тоа го направија и граѓаните, компаниите, Црвениот крст, како и Владата на Република Северна Македонија“, рече премиерот, порачувајќи дека преку ваквите донаторски акции ја покажуваме солидарноста на дело.
Генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, Саит Саити истакна:
„Денес несомнено работата на Црвениот Крст е порелевантна и попотребна од кога било, затоа што светот денес потсетува на брод кој плови по немирно море, со многу нееднаквости, експлоатирање, омаловажување, застрашување, војни, природни катастрофи и миграции на луѓе како резултат на економски, политички, социјални и климатски состојби. Основна причина која ги означува сите овие состојби е недостаток на хуманост и почит“, рече генералниот секретар на Црвениот Крст, Саит Саити, во обраќањето на годишнината од основањето на организацијата.
Потенцирајќи ја соработката со институциите, корпоративниот сектор, партнерите и донаторите во земјава и странство, Саити се заблагодари на сите оние кои се вложиле и ја поддржале организацијата.
„Хуманоста и солидарноста продолжуваат да бидат наша водилка и инспирација во обид да направиме позитивна разлика во животот на луѓето“, додаде Саити.
Амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок изрази благодарност за помошта на Република Северна Македонија за Турција.
„Обединети во едно срце, јавните институции, невладиниот сектор, бизнис заедницата, образовните институции, млади и возразни, сите помагаа за настраданите од погодените региони. Не може да ги вратиме назад изгубените животи...Но, со сета можна сила ќе работиме за закрепнување на раните на оваа природна катастрофа. Одново ќе ги изградиме разурнатите градови и училишта.
Вие ја споделивте нашата голема тага.
Вие, во Вашата моќна солидарност, воедно ја споделувате и надежта на турскиот народ за обновата на погодените региони. Турскиот народ со благодарност ќе се сеќева на Вашата љубов и солидарност“, порача амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, во своето обраќање на годишнината од основањето на Црвениот Крст, во рамките на кој настан се организираше и донаторска акција за погодените подрачја во Турција и Сирија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа