Средба Шукова–Бомгартнер: Разгледани можности за поинтензивна соработка во приоритените активности во животната средина
Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер денеска бил во протоколарна посета на новоименуваната министерка за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, на која и посака успех во извршувањето на обврските и справувањето со предизвиците во животната средина.
Амбасадорот Бомгартнер ги потврдил заложбите на Франција за континуирана поддршка на нашата држава во делот на животна средина, а се разговарало и за отворените можности за продлабочување на идната соработка.
На почетокот на средбата, министерката Шукова ги претставила најитните приоритети во животната средина.
-Пред сè интензивно ќе работиме на воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад во сите региони во државата, истакнала Шукова.
Таа го избрифирала амбасадорот за моменталниот статус на активностите во оваа област, начините на кои во наредниот период планира да ги спроведува и координира и најавила поинтензивно вклучување на центрите за регионален развој во целиот процес.
-Беше разговарано и за иницијативата за воспоставување на комунална полиција, како важна алка што недостасува за успешно воспоставување на системите за управување со отпад, соопштуваат од МЖСПП.
Амбасадорот Бомгартнер споменал неколку можни области за реафирмирање и развивање на билатерална соработка и поддршка од страна на Франција.
-Во делот на користењето на обновливи извори на енергија го спомена проектот за изградба на фотоволтаични централи во Штип и Свети Николе каде ќе се користи иновативна технологија која ќе обезбеди и локален економски развој и примена во агроенергетиката, а ќе даде голем придонес во енергетската независност и декарбонизацијата во процесот на спроведување на зелена агенда во државата. Ова, според амбасадорот, е една од најголемите, ако не и најголема француска инвестиција во нашата држава, истакнуваат од МЖСПП.
На средбата била посочена и отворената можност за воспоставување на кредитна линија за финансирање пред сè на компаниите и на локалните самоуправи, што би се реализирала преку Француската агенција за развој и Развојната банка на Северна Македонија.
-Споменат беше и големиот проект на Француската развојна агенција за енергетска ефикасност на згради во кој се опфатени 17 држави во светот, меѓу кои и Северна Македонија, можноста за користење на техничката помош за културно наследство и техничката помош за цивилно население пожари, почви и сл. Дополнително беше потврдено дека Француската влада обезбеди технички експерт на Министерството за поддршка и размена на искуства, известуваат од МЖСПП.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа