(ВИДЕО) Манијакот седна спроти девојчињата жртви и призна дека се самозадоволувал пред нив во скопски автобуси
Манијакот што се самозадоволуваше во автобуси на ЈСП и пред влезови на згради, Сонер Арслан, едвај собра храброст да ги погледне четирите жртви в очи. На рочиштето призна вина, изрази каење и ветуваше дека нема да го повтори делото. Најмладата негова жртва е 19-годишно девојче, а највозрасната имала 24 години. Вкупно се пет, а четири беа и во судницата. Тој беше со грбот свртен кон нив, па дури и кога судијката Љубинка Башевска му укажа дека не треба нејзе да ѝ се извинува, туку на оштетените девојчиња. На рочиштето, на кое призна вина, Арслан, кој е роден во Турција, има 30 години и е свршен, бараше поблага казна и ветуваше дека нема да го повтори делото.
„Да, виновен сум. Признавам дека ги сторив кривичните дела онака како што е опишано во диспозитивот на обвинителниот предлог. Многу се каам, многу се извинувам“, рече тој пред судијката.
„Дали ви е јасно дека ви следува санкција, дека треба да платите трошоци, дека ако некој од оштетените бара штета, ќе треба тоа и да го платите?“, праша судијката, а тој одговори: „Јасно ми е, да“.
„Доброволно го давате признанието? Никој не ве принуди“, праша судијката, на што тој одговори: „Со мозокот не бев добро…“, рече обвинетиот, а судијката препраша: „Дали некој ве принуди да признаете? Дали знаете каде сте, што сте?“, а Арслан одговори: „Да, признавам“.
Арслан вети дека нема повеќе да се самозадоволува пред девојки на јавно место.
„Целиот живот нема да правам вакви грешки. Многу се каам. Татко ми е стар, јас само со него живеам, не може да работи. Во април ќе се женам, ќе имам свадба. Барам помош од вас“, рече Арслан.
Негов бранител беше Јовица Страшевски. Адвокатот посочи дека заменува колешка, притоа им се извини на жртвите и посочи дека не е во неговата етика да брани вакви предмети. Страшевски пред обвинителката, судијката и полицајците што го спроведуваа рече дека Арслан е корисник на дрога.
„Не е моја етика да бранам вакви предмети, бев замолен од колешката. Како олеснителни околности судот да има предвид дека обвинетиот е млада личност, има свршеница, има план да прави свадба во мај. При одмерување на казната судот да има предвид дека тој е зависник од дрога, која можеби е причинско-последична врска за сторување на делото. Да има предвид дека има потреба од лекување“, рече Арслан.
Обвинителката Лидија Раичевиќ посочи дека Арслан петпати го сторил кривичното дело.
„Обвинението содржи опис на пет кривични дела за тоа што се случило на фактични план и предлог до овој суд кои докази да се изведат. Јавниот обвинител, освен што оваа содржина на поднесено обвинение, денес, без никакво сомнение, ќе ја докаже на начин како што е предложено во писмениот отправок, доколку за тоа се укаже потреба, ќе се впушти во докажување и градење впечаток на судот преку фазите на директно и вкрстено испрашување. Без никаков сомнеж, со највисок степен за осудителна пресуда, јавниот обвинител ќе го застапува обвинението“, рече обвинителката Раичевиќ.
Обвинетиот делата ги сторува во текот на повеќе години, а почнувајќи од 2021 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа