„Фридом хаус“: Северна Македонија бележи напредок, но останува „делумно слободна“ земја
Северна Македонија во најновиот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2023“, има годишен индекс на слободата од 68 од можни сто поени, што е напредок од еден индексен поен во споредба со лани.
Со оценката 68, Северна Македонија е рангирана во групата на „делумно слободни“ држави. Во истата група се и повеќето земји во регионот. Србија бележи пад и има 60 поени, исто колку и Косово кое, пак, има напредок од четири поени. Албанија и Црна Гора имаат оценка 67, Бугарија 79, Хрватска, 84 и Грција 86. Највисок индекс на слободи меѓу земјите во регионот има Словенија - 95, а најнизок Босна и Херцеговина - 52.
„Фридом хаус“ во најновиот извештај забележува дека глобалната слобода се намалува 17-та година по ред. Руската инвазија доведе до катастрофални нарушувања на човековите права во Украина, а новите преврати и други обиди за поткопување на избраните власти ги дестабилизираа Буркина Фасо, Тунис, Перу и Бразил, оценува организацијата.
Земји со најголеми слободи во светот се Шведска, Норвешка и Финска со маскимални 100 поени, САД имаат 83, Русија 16, Кина 9, а Украина 50. Најнеслободни држави се Северна Кореја со три и Сирија со еден поен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа