Млади Грци го нападнале македонскиот свештеник Царкњас - го блокирале со две возила, па му го искршиле автомобилот
Осумдесетгодишниот македонски православен свештеник, архимандритот Никодим Царкњас, бил нападнат во Грција од страна на група млади Грци.
Со реакција за нападот се огласи Обединета македонска дијаспора (ОМД), која соопшти детали.
„Додека возел кон дома, патот на архимандритот Царкњас бил намерно блокиран од две возила, спречувајќи го да го продолжи да вози. Откако учтиво побарал од групата да ги преместат возилата што му го блокирале патот, тие почнале вербално да го напаѓаат со лични и верски навреди. Тие потоа го засилиле нападот така што му го оштетиле и го скршиле стаклото од автомобилот и се обиделе да влезат во автомобилот за физички да го повредат. За среќа, архимандритот Царкњас успеал да избегне дополнителна повреда и ја напуштил областа што е можно побрзо“, велат од ОМД.
Тој веднаш го пријавил настанот во локалната полиција и поднел тужби против сторителите.
Очигледно, ова не бил случаен напад, туку планирано и намерно заплашување на постар човек, соопшти ОМД.
Од тука ги повикаа грчката Влада, Европската Унија и сите соодветните меѓународни организации за човекови права да го истражат и да го прекинат заплашувањето на македонските малцинства во Грција.
Од македонската Влада бараат да го осуди нападот и да воспостави политика на нула толеранција за малтретирањето на македонските малцинства и нивните основни човекови права во соседните земји и во светот.
„ОМД со почит апелира до грчката Влада, странските делегации во Грција, Хелсиншкиот комитет во Грција и Европскиот суд за човекови права, да стават крај на овие неоправдани напади врз малцинските групи во Грција. Бараме грчките власти да ги осудат членовите на групата што го изврши нападот и да дадат пример со гонење на сторителите до целосна мерка на законот“, велат од организацијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа