Логопед Шикоска предупредува: Предолгата изложеност на екраните доведува до влошување на говорот кај децата
Љубовта кон децата и желбата еден ден да работи со нив, биле главен мотив за Зорица Шикоска, при изборот на факултет, работата да и биде директно поврзана со деца и одлучила да стане логопед. Речиси 20 години таа е успешна во својата професија, посветувајќи им се целосно на најмладите.
По завршувањето на студиите, тетка Зоре, како што ја викаат дечињата, првиот ангажман за тогаш дефицитарната професија го имала во Општата болница во Охрид, од каде по неколку години, продолжува да работи со дечињата во детската градинка „Јасна Ристеска“. Таму веќе 11 години ниже успеси во правилно изговорени гласови и поврзување реченици, и е омилен лик кај дечињата.
Работата со деца за неа е прекрасно нешто. Нема проблеми во однос на адаптацијата бидејќи пред се работи со дечиња, кои посетуваат градинка, имаат комуникација со воспитувачките и брзо се прилагодуваат.
– Среќата и радоста во детските очи ми е мотивација за мојата понатамошна успешна работа и професионален ангажман, вели Шикоска за МИА.
Екраните пречка за развој на говорот
Состојбата со говорот кај најмладите, забележа таа, од година во година е се полоша, а причината ја гледа во екранизацијата. Токму затоа, препорачува насочено и ограничено седење пред компјутер, телевизор или со телефон во раце.
– Како што минува времето состојбата со говорот кај дечињата е многу хаотична. Првично, децата немаат доволно развиен говор или им е нарушен говорот, затоа што ги користат телефоните. Да тоа е точно, екраните си го прават своето, но родителите се тие, кои имаат најголема улога во развојот на говорниот апарат кај дечињата, затоа што немаат комуникација со нив. Ние како родители се враќаме од работа дома и најлесно ни е, еве го телефонот гледајте. Ја немаме таа комуникација со децата да ги прашаме првично како сте, дали сакате нешто, ајде заедно да поиграме. Ги истураме коцките во собата и викаме ајде играј си сега. Секоја игра треба да биде насочена со дечињата, на тој начин можеме да го поттикнеме говорниот развој кај децата, смета Шикоска.
Екраните, телевизорот и телефоните смета дека влијаат многу негативно врз когнитивниот, емоцијалниот и социјалниот развој на детето.
– Од тоа последователно се јавува промена во расположение кај детето, депресија, претеран бес, слаба контрола на однесување, проблеми со спиење, недостиг на концентрација, кратко внимание. Покасно сето тоа влијае до слаб когнитивен развој, односно бавно размислување, бавно помнење, слаб развој на фантазија и самостојни игри, бавен јазично – говорен развој, лошо јазично изразување, оскуден или сиромашен речник. И покасно веќе во училиште проблеми со помнење, слаба концентрација, кратковидост, тешкотии со спиење, недостаток на телесни активности…., посочува логопедот.
Според неа, користењето телефони и комјпутери и гледањето телевизија треба да е умерено, односно ограничено и насочено.
– Точно е дека телефоните помагаат, но само ако ги гледаме и слушаме цртаните на македонски јазик. Кај нас дечињата паралелно го учат македонскиот и англискиот јазик. Да, некои дечиња ја имаат таа способност да ја направат паралелата дека боите можат да ги кажат и на македонски и на англиски јазик, но многу често 90 отсто од децата првично го учат англискиот јазик, тоа е така зошто него го слушаат. Нивното внимание е насочено кон телефоните, кон цртаните филмови и игрите што ги играат, а тоа им е приложено на англиски јазик, истакнува Шикоска.
Како стручно лице советува децата никако да не се хранат со телефон во раце, туку да се оставаат сами да јадат.
– Детето треба да се научи правилно да ја држи лажицата. Очекуваме дека ќе почне во училиште и ќе му дадеме моливче во рака и бараме да направи права линија. Како ќе ја направи таа права линија кога не знае да ја држи лажицата, децидна е Зоре.
Децата немаат основна комуникација
Децата до шест години, со кои и работи Зорица, до пред некое време најчесто се соочувале со нарушување на гласови, правилен изговор на буквите „р“, „л“, или замена на гласот „с“ со „ш“, „з“ со „ж“. Во последно време нагласува дека нема развиен говор кај дечињата.
– До три ипол, па и четири годишна возраст децата немаат реченица. Немаат основна комуникација, многу е оскудно усното изразување, а камо ли да раскажат приказна. Тоа е поврзано со работата дома. Уште додека бебето е во утробата кај мајката, ние треба да му зборуваме. Кога ќе се роди ќе речеме, ах ништо не разбира, но тоа се не разбира. Не следи со поглед, ги врти очињата ако некој му зборува, па тогаш да му зборуваме постојано, истакнува Шикоска.
Логопед
Доколку до третата година детето нема развиен говор, потребно е да се побара стручна помош односно да почне со работа со логопед.
– Доколку детето целосно го разбира говорот, кога мајката му кажува да донесе одреден предмет или да изврши одредена задача, односно кога родителите се свесни дека детето комплетно го разбира говорот тогаш велиме ајде да не се грижиме ќе се пушти говорот. Меѓутоа кога детето не ве следи со поглед, не се врти на своето име кога му се обраќаме, тогаш одма на третата година треба да се почне со работа со логопед, смета Шикоска.
Иако смета дека дечињата треба да се следат уште од најрана возраст, сепак поради бројот на деца со кои работи во градинката, го следи говорот на дечиња од три до шест години.
– Провоцираме пасивен речник. Знаеме дека детето го разбира говорот, но треба да го активираме тој пасивен речник, да го збогатуваме речникот додека работиме, ги корегираме сите гласови и замената на гласовите. Работиме на комплетирање реченица, на усно изразување. Тоа ми е многу важно. Подобро на шест години да не кажува правилно некоја буква, но да може да ја раскаже приказната, да може детето да праша да се заинтересира за нешто, а не само да чекаме и да повториме, посочува Шикоска.
Резултатите се индивидуални, групните третмани со поголем ефект
Во секојдневната работа Зоре најчесто користи сонди, шпатули или прстето на детето со вежби пред огледало. Надгледен материјал во градинката добиле последната година, додека претходно сите работни материјали ги изработувале рачно.
– Додека работев со дефектологот Ирина, која сега е директор, многу ми помагаше. Црта многу убаво и додека јас корегирав со детето било кој глас или читав приказна, таа веќе го имаше направено тоа преку цртеж. Сите тие цртежи ги чувам, ги копирам и имаме готов надгледен материјал, кој потоа го сечеме, боиме, лепиме и часот ние забавен. Преку сето тоа се постигнал резултатот кој јас го сакам. Секогаш наоѓам нешто да ги мотивирам дечињата за тие да се трудат да ја постигнат целта, истакнува логопедот во охридската градинка, вели таа.
Групните третмани смета дека даваат подобри резултати за разлика од индивидуалните, каде децата се натпреваруваат меѓу себе кој подобро ќе каже, кој ќе биде прв, па ќе добие поголема петка….
Временска рамка за доаѓање до посакуваниот резултат вели дека нема.
– Индивидуално е. Многу зависи од поставеноста на јазичето и забите во устата. Ако јазичето ни е пасивно, спуштено е долу многу подолго треба да правиме вежби да го кренеме да добиеме вибрација. Ако јазичето е доволно раздвижено низ устата, тогаш е многу полесно, рече Шикоска.
Секој ден подготвува надгледен материјал и план за работа, тоа и претставува задоволство, но исполнетоста е комплетна со одличната соработка со дечињата.
– Кога ќе ги земам кај мене дечињата прво се претставувам која сум јас. Кажувам која е мојата професија. Секогаш им го поставувам прашањето дали знаат што е логопед и добивам одговори дека логопед е доктор за нозе или мотор, точак…. И оттука почнуваме, сега јас ќе ви објаснам што работам. Јас веќе ве истестирав видов дека некоја буквичка не ја кажувате правилно, ги прашувам дали знаат која е таа. Дечињата од големите групи се веќе големи и немам никаков проблем за соработка. Со помалите дечиња можеби првиот или вториот пат ќе земам и другарче од групата со кое се дружат па така низ игра и надгледен материјал и нив им е интересно, раскажува Зорица за начинот на кој го привлекува вниманието кај најмалите.
Соработката со родителите и очекувањата различни
Соработката со родителите ја подели во две групи, едните премногу се вложуваат и очекуваат резултати, додека другите очекуваат логопедот да го реши проблемот веднаш.
– Едни родители после секој час бараат објаснување што сработиле и што тие дома да работат. Додека другите пак, го носат детето кај мене, ако има проблем со концентрација со внимание не се врти на своето име не ве следи со поглед очекуваат дека кога ќе го земат логопедот со магичното стапче средил. Не прво треба да оди на дефектолог, на психолог и кога тие ќе проценат дека детето е спремно за работа со логопед тогаш веќе настапувам јас, посочи Шикоска.
Кога ќе ги земаат децата од третман родителите најчесто прашувале како поминале, дали биле умни, а поретки биле оние што прашуваат како напредува.
– Имам и родители на кои кога ќе им ја покажам сондата што ја користам за корекција на глас „ш“ на пример и следниот ден доаѓа и покажува дека успеал да направи таква сонда и ја користат дома, но тие се многу ретки, вели Зорица пренесувајќи искуства од односот со родителите.
Смета дека сите родители не се запознаени со работата на логопедот, ниту пак се информирани за придобивките од работата на нивните деца со стручните служби.
– Ретко родителите доаѓаат да ме побараат, освен на оние деца кои јас ќе ги побарам. Да речат еве видете го моето дете, јас мислам дека нема да има проблем ама вие видете го. Правам редовно опсервации најчесто во големите групи, ги тестирам дечињата, а потоа барам од восиптувачките да рецитираат стихотворби или некоја драматизација. Затоа што јас можам да прашам за некој збор, но нема да добијам комплетна реченица, а тоа е проблем да се искомплетира реченицата, рече Шикоска.
Но, како што нагласува, секој мал чекор во напредокот на детето е голем чекор за неговиот развој, а огромен за неа и за родителите, што е и дополнителен мотив за понатамошна успешна работа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа