Битиќи од Брисел: Изборот и патот се јасни, Македонија целосно интегрирана во Европската Унија
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи jа заврши тридневната официјална посетата во Брисел на која Република Северна Македонија ги отвори поглавјата 9 – Финансиски услуги и 28 – Права на потрошувачи и јавно здравје од Кластерот 2 – Внатрешен пазар, кој е еден од носечките кластери и поради својата големина, но и поради важноста, бидејќи во него се содржани поглавјата за 4-те основни слободи кои се основата на договорот за воспоставување на Европската Унија.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека интегративниот процес на земјата е стабилен и изборот е јасен, Северна Македонија целосно интегрирана во Европската Унија, констатација која произлезе од состанокот со европскиот комесар за економија, финансии, даноци и царина, Паоло Џентилони, со кого оствари средба за време на работната посета во Брисел. Битиќи посочи дека Џентолини ја потврди заложбата и ставот на Европската комисија дека Северна Македонија е од стратешко значење за Унијата.
„Силно сме посветени на усогласување на правото и регулативите на Европската Унија со цел полноправно членство. Но поважно, подготовка и зголемување на конкурентноста на домашната економија со цел што побрза и полесна транзиција кон единствениот пазар на ЕУ. Од нас зависи, ние мораме да работиме дома, сите заедно кон исполнување на оваа цел до 2030 година“, рече Битиќи.
Вицепремиерот посочи дека за постигнување на оваа цел, патот е јасен, засилено усогласување на препораките и директивите од Европската комисија, зајакнување на конкурентноста преку инвестиции кои носат додадена вредност, вложување во образование и инвестиции во истражување и развој како и човечкиот капитал.
„Да креираме пазар на труд кој ќе може да биде подготвен за четвртата индустријализација, конкурентен и лесно прилагодлив. Да продолжиме со унапредување на регионалната соработка преку редефинирање на синџирите на снабдување како и диверзификација на изворите на енергија и зголемување на капацитетите од обновливи извори на енергија“, изјави Битиќи.
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи оствари уште неколку официјални средби со генералните директори во Директоратот за образование, млади, спорт и култура, како и Директоратот за истражување и развој и на овие состаноци беше изразена искрена поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
На состанокот со директорот на ЦЕФТА беа дискутирани тековните и идните планови и економски политики кои ние како рамноправен член на ЦЕФТА сме се обврзале да ги имплементираме, додека на состанокот со Eurochambers беше искажана подготвеност за поддршка од комората која ги обединува најголемите стопански комори во Европа со цел побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа