Експертска група за безбедност од германскиот Бундестаг во посета на Собранието

 

Делегација од експерти за безбедност од германскиот Бундестаг деновиве беше во посета на Собранието на Република Северна Македонија.

Како што информира собраниската прес-служба, во 2022 година претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери иницираше реализација на третата стратешка цел - независно собраниско обезбедување. Во тој контекст се реализираше студиска посета на германскиот Бундестаг, по која деновиве следеше и посета на Делегација од експерти за безбедност од германскиот Бундестаг.

Претставниците на полицијата на законодавниот дом на Германија кои што работат на високи раководни позиции, директорот Михаел Рајнке и Тјадке Шефер, раководител на единицата за тактика, опрема и заштита на објекти, беа во Скопје и реализираа средби со претставници на Собранието и на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Од Собранието информираат дека Јан Фалбуш, координатор во одделот за парламентарна поддршка на Бундестагот и член на советодавниот одбор на ПСП, го сподели своето стручно искуство. На оваа размена, што се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, како што се наведува, покрај студиската посета на највисоко ниво на германскиот Бундестаг во мај 2022 година, претходеа и повеќепартиски разговори во март минатата година.

-Во текот на „Планинските разговори“ на почетокот на 2022 година, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски искажа целокупна поддршка за остварување на целта за независно собраниско обезбедување и подвлече дека Министерството ги става на располагање своите ресурси за да ја поддржи оваа реформа. За реализација на оваа стратешка цел, во Собранието има консензус од сите политички партии, и во рамки на овие активности е формирана работна група за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда, стои во соопштението. 

Од собраниската прес-служба наведуваат дека целта на работната група е да се одредат модалитетите на функционирање и организација кои што ќе овозможат највисоко ниво на безбедност за пратениците и за собраниските служби. Во исто време апелираат законодавната власт да остане отворена и достапна за граѓаните да можат да учествуваат во демократските процеси.

10.02.2023 - 13:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега