Маричиќ: ЕУ со нова помош за Северна Македонија до 100 милиони евра

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ објави на својот Фејсбук профил дека Европската комисија денеска дала предлог да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија.

- Со оваа помош до 100 милиони евра уште еднаш се докажува кој стои до Северна Македонија во тешки времиња и во време на економска и енергетска криза. Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи, вели Маричиќ.

Помошта ќе дојде во форма на заеми, а нивното спроведување ќе биде дефинирано заеднички со ЕУ, преку Меморандум за разбирање. Меморандумот за разбирање најверојатно ќе се фокусира на реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупција. Плаќањата, исто така, би биле условени од позитивното искуство во спроведувањето на програмата на Меѓународниот монетарен фонд.

Сите овие реформи всушност ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече: „Ние стоиме покрај Северна Македонија во овие времиња на предизвици. Денеска предлагаме до 100 милиони евра макрофинансиска помош за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години“.

Макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со соседните партнери и партнерите за проширување, и е наменета како исклучителен инструмент за одговор на кризи за партнерите кои се соочуваат со сериозни проблеми со платниот биланс. Тоа ја покажува солидарноста на ЕУ со овие партнери и поддршката на ефективни политики во време на криза без преседан. Северна Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ, која формално ги отвори пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година. На 22 април 2020 година, Комисијата усвои предлог финансиски пакет од 3 милијарди евра за десет партнери од проширувањето и соседството, за да им помогне да ги ублажат економските последици од пандемијата на коронавирус, од кои 160 милиони евра доби Северна Македонија. Првата рата од 80 милиони евра беше исплатена во октомври 2020 година. Втората рата од 80 милиони евра беше исплатена во јуни 2021 година, по позитивната оценка од Комисијата за напредокот постигнат во однос на исполнувањето на условите на политиката поврзани со оваа помош.

Денешниот предлог, кој следува после грантот од 80 милиони евра за справување со енергетската криза, ја придружува 24-месечната програма за поддршка, склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), до 530 милиони евра.

06.02.2023 - 16:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега