Од следната недела поскапуваат поштенските услуги, писмата со повисоки цени
Од 1 февруари поскапуваат стандардните поштенски услуги во внатрешниот сообраќај на АД Пошта со одобрение од Агенцијата за пошти како регулаторно тело. Регулираниот поштенски оператор веќе го објави новиот ценовник на својата веб-страница.
Писмото до 50 грама од 25 денари од следната среда поскапува на 36 денари. И препорачаната цена поскапува и таа сега изнесува 90 денари – цена што е многу повисока од претходната. Писмото до 100 грама сега наместо 34 денари, ќе биде 48 денари. Поскапуваат и писмата до 250 грама од 48 на 60 денари.
Се зголемуваат и цените на услугата препорачано. Се намалува цената на писмата од 250 до 2.000 грама. Поскапува поштенската картичка од 9 на 16 денари. Се укинува и цената од првата зона за испраќање пакети и ќе важат само цените од втората зона.
Од Агенцијата за пошти велат дека профитната маржа на АД Пошти со зголемувањето на цените и натаму ќе биде 1 отсто и дека ценовникот не е променет од 2009.
Овие услуги биле секаде поскапи во регионот, освен некои во Србија. При одобрувањето на новиот ценовник биле земени во предвид инфлацијата, зголемените трошоци за струја од над 40 отсто, на гориво од 30 отсто и потребата од стабилни плати во АД Пошта.
Од таму велат дека Пошта се соочува со тешкотии во своето работење од 2020 и дека просекот на поскапување на сите услуги чии цени се зголемуваат е 6,28 отсто. Досега неколку јавни претпријатија и агенции ги поскапеа цените на своите услуги и производи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа