Тренчевска: Со антикризните мерки граѓаните добија повеќе пари за да се справат со кризата
Изминатата 2022 година беа креирани неколку антикризни пакети, како поддршка на најранливите категории граѓани во време на економска и енергетска криза и во таа насока беше исплатена финансиска помош од по 3000 денари за околу 330 илјади пензионери за три месеци, а ваква помош од 3000 денари добија и околу 36 илјади корисници на гарантирана минимална помош, информира денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на брифинг со новинарите.
Тренчевска рече дека корисниците на гарантирана минимална помош и на правото на социјална сигурност добиваат и надомест за покривање на трошоците за енергенси за месеците во грејна сезона од октомври до март во висина од илјада денари месечно. Со оваа мерка се опфатени над 45 илјади корисници.
– Со антикризните мерки овозможивме поголем приход кај граѓаните за полесно справување со кризата, рече Тренчевска.
Таа се осврна и на зголемувањето на висината на правата од социјална и детска заштита, кои со усогласувањето со трошоците за живот за месец јануари ќе се зголемат за 14,2 проценти.
Со Законот за финансиска поддршка, како што информира министерката, беа опфатени пензионерите со пензии до 14 илјади денари, стечајните работници и корисниците на права од социјална и детска заштита, односно корисници на право на социјална сигурност на стари лица, на посебен додаток, на правото на надоместок заради попреченост, со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надоместок за телесно оштетување. Оваа помош е предвидена за четири месеци.
Министерката зборуваше и за развојот на социјалните услуги на локално ниво, како и обезбедување нивна одржливост. Преку Проектот за подобрување на социјалните услуги досега, како што посочи, се доделени грантови за 34 проекти, кои се спроведуваат во 41 општина. Преку овие проекти услуги ќе добијат околу 1 300 корисници, додека шанса за вработување како стручен персонал ќе добијат над 400 лица.
– Ова е показател кој ја покажува двојната придобивка од социјалната реформа, односно зголемување на опфатот на корисници и достапноста на услуги и вработувањето на лица кои се дел од социјално ранливите групи, рече Тренчевска
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа