Кацарска: Пратениците се неодговорни кон уставните обврски
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, денеска одржа завршна прес-конференција, на која ги изнесе заклучоците од работењето на судот во текот на 2022 година.
„Оставаме зад нас една година полна со неизвесност и oтежнато функционирање на Уставниот суд во вршењето на своите надлежности, но и година на посветеност, макотрпна работа и домаќинско менаџирање на судот како резултат на несебичниот ангажман на судиите и сите вработени. Темата со неизбирањето на судиите сè уште е сериозен проблем за Уставниот суд, но и дамка за угледот на државата, само затоа што пратениците се неодговорни кон уставните обврски“, рече Кацарска.
Таа напомена дека „беа избрани двајца нови судии кон крајот на октомври, еден се пензионира во декември, што значи во овој момент недостига една третина од вкупно предвидениот број судии во Уставниот суд и како последица на ова се повторува непосакуваниот исход, се соочуваме со состојба да остануваат предмети што не добиваат мнозинство гласови, а следствено на тоа Уставниот суд не може во целост да ја оствари својата улога. Имено, во моментот не е одлучено по 24 предмети токму поради немањето мнозинство гласови, но има и суштински важни предмети за граѓаните и за државата за кои е есенцијална дискусијата од сите девет судии, со што ќе се придонесе кон поквалитетна одлука“.
„Иако цели девет месеци судот беше оставен на работ на функционирање, ние петтемина судии, заедно со советничките тимови, на свои плеќи го понесовме товарот како тука да работат девет судии. И во вакви специфични услови Уставниот суд одржа вкупно 42 седници, што во изминатите 13 години не било случај. Толкав број седници последен пат имало во 2009 година, но ќе потенцирам дека тогаш судот работел во полн состав од 9 судии“, изјави таа.
Кацарска истакна дека „овој состав, за разлика од многу претходни состави што функционирале без недостиг на судии, успеа првпат од основањето на Уставниот суд да донесе два многу важни стратешки документа. Првиот суштествен документ е Програмата за работа, за која имаше забелешка во последниот извештај на државниот ревизор дека не е донесена, и вториот документ е Стратешкиот план, кој ќе се реализира во следните три години и кој ги содржи основните насоки што ќе ги следи Уставниот суд. Во овој стратешки план се претставени контурите за внатрешната реформа на судот, но ќе повторам – реформите се условени од комплетниот состав на Уставниот суд“.
„Уставниот суд годинава оформи 133 предмети заклучно со денеска, од кои седум се барања за заштита на слободи и права, а со другите 126 во најголем дел се бара преиспитување на уставноста и законитоста на акти и во два случаја се бара оценување на уставноста на програми и статут на здруженија на граѓани“, рече претседателката на судот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа