Мијалков донесен на судењето за Титаник 2

 

 

Со полициска придружба, Сашо Мијалков влезе во скопскиот Кривичен суд, каде продолжи судењето за Титаник 2, по неуспешниот спровод од минатата недела.

По третпат сведочеа членовите на тогашниот состав на Државната изборна комисија. Во судницата се повторнија нивните искази, а некои од обвинетите, како Мендух Тачи имаа и прашања, но не и Мијалков на кој му се суди за примање награда за противзаконито влијание.

Шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски сега го застапува случајот „Титаник 2“ бидејќи претходно работеше на предметот како дел од СЈО. Тој смета дека правдата што требало да ја донесе тогашното СЈО очигледно ја нема.

„Чувството е исто како на сите граѓани во државата. Правдата што требаше да ја овозможи СЈО очигледно не ја даде, барем од гледна точка на некои предмети кои сè уште немаат свој завршеток иако, сепак, ние сме една страна во постапка и обвинетите заедно со бранителите се друга страна во постапката, а на крајот судот е оној што пресудува во предметите. Очигледно тие се повеќе сегменти кои влијаат и на одложување на постапката и на чувството дали во одредени предмети правдата е задоволена“, изјави обвинителот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски.

„Титаник 2“ по третпат се суди во Кривичниот суд. Случајот сега е во фаза на доказна постапка. Наредното судење е закажано за 5 јануари догодина, кога треба да сведочат сведоци на одбраната. За да не застари делото за Мијалков, Кривичниот суд до 2023 година треба да донесе пресуда, на која евентуално Апелација би се произнела. Обвинителот Бубевски е оптимист дека случајот нема да застаре.

„Предметот застарува за четири месеци само во однос на обвинетиот Сашо Мијалков затоа што дејствијата за кои се товари се до пет години затвор (апсолутна застареност настапува за 10 години). Во однос на другите обвинети предметот останува во процедура затоа што роковите за застареност се многу поголеми. Меѓутоа, очигледно гледате дека судот прави напори сето ова да заврши во најбрз можен рок. Јас се надевам дека и Апелација во предвидениот рок до моментот кога настапува апсолутна застареност ќе има своја одлука. И Основниот суд и Апелација“, рече Бубевски.

Но на Мијалјков случајот „Титаник 2“ не му е единствениот кој се споменува во јавноста за ризик од застарување. Тоа може да биде случај и со предметот за прислушувањето и уништувањето на опремата за следење „Таргет – Тврдина“, чие дело застарува во 2025 година, а Апелација овој месец му ја укина 12 годишната затворска казна на Мијалков и судењето го врати на почеток.

26.12.2022 - 16:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега