Донесен Буџетот за 2023 година

 

Собранието на Северна Македонија, попладнево, со 56 гласови  „за“, 30 „воздржани“ и еден „против“ го донесе Дополнетиот буџет за 2023 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими пред гласањето за Буџетот се заблагодари на сите кои учествуваа во дебатата која според него дала резултати и посочи дека се прифатени неколку амандамни.

Според Бесими, Буџетот е реален и развоен, заснован на златното правило во јавните финансии – капиталните расходи да се повисоки од буџетскиот дефицит.

Оценката на опозицијата, пак, која најави дека ќе гласа воздржано, е дека Буџетот е преобемен и инфлаторен и оти со него ќе се зголеми дефицитот и јавниот долг.

За Дополнетниот буџет на пленарна седница се расправаше пет дена. Дополнетиот буџет беше доставен во Собранието откако Владата ги вгради прифатените амандмани од расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Во Буџетот за 2023 година, растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.

Во него се предвидени околу 250 милиони евра за надминување на предизвиците од глобалната енергетска и економска криза, како и средства за редовна исплата на платите и пензиите и за поддршка на фирмите и земјоделците.

Ова е прв буџет донесен согласно Законот за буџети и според Владата, тој е насочен кон ублажување на последиците од енергетската криза и кон непречено финансирање на евроинтеграциите и со него се поставува основата за економско заздравување, забрзување на економскиот раст и за постепена фискална консолидација.

23.12.2022 - 16:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега