Бектеши: Најверојатно ќе најдеме гас од 1 јануари – „Макпетрол“ се однесува неодговорно, можни се санкции
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека државата најверојатно ќе најде гас од 1 јануари откако „Макпетрол“ како единствен снабдувач најави дека ќе престане со увоз и испорака на гас за потрошувачите.
Бектеши во гостувањето во Дневникот на Сител рече дека компанијата се однесува неодговорно и најави можни санкции за енергетскиот гигант.
-За жал, мислам дека има и надворешни сили што влијаат на ваквите одлуки. Но, ние сме демократска држава, имаме закони и ќе постапиме согласно законите. Никој нема да оставиме над државата, вклучувајќи го тука и „Макпетрол“, рече Бектеши.
Најави законски измени за санкции на стратешките компании кои во време на криза се обиделе да профитираат.
-Тие што ја злоупотребуваат моменталната состојба на монопол во кризна состојба и ја ставаат сигурноста на државата и електро-енергетскиот систем на државата во независност тие треба да одговараат, рече Бектеши.
Прашан дали за либерализација на пазарот на гас, веќе постои заинтересираност од домашни и странски компании за помалку од 10 дена да го увезат овој енергенс во Македонија, Бектеши вели дека веќе имало понуди.
-Согласно информациите кои ги имам од Га-Ма веќе капацитетите на бугарска страна се закупени од одредени снабдувачи и тоа се две компании. Утре најверојатно ќе се објави нов јавен повик од нивна страна за закупување на капацитети за да може да се снабдува нашата држава со гас, рече Бектеши, додавајќи дека не знае дали станува збор за бугарски компании.
Министерот тврди дека „Макпетрол“ бил известен за преговорите кои се воделе со бугарскиот „Булгартрансгас“ за либерализација на пазарот на гас во државата. Според него, завршено е времето на монопол, а државата се залагала за либерализација.
-Ако не донесовме ваква одлука можевме да се воведеме во ситуација за да бидеме целосно зависни од Руската Федерација. Што ќе се случеше ако преку ноќ донесат забрана за снабдување со гас на нашата држава?, вели Бектеши.
Согласно потпишаниот договор во Софија, потребно е да се формира овластено тело кое ќе ги донесе подзаконските акти со кои ќе се регулира работењето на пазарот на природен гас. Но таков оператор сѐ уште нема. Поради тоа компанијата побарала да работат по старите услови, но не добиле позитивен одговор.
-„Макпетрол“ АД Скопје, во согласност со Договорот за интерконекција, побара од државната компанија „ГА-МА“ АД Скопје да обезбеди согласност од „Булгартрансгас“ да продолжи со работа според старите услови, заклучно со 30 септември 2023 година, во кој период би се донеле сите подзаконски акти и сите учесници на пазарот на природен гас би се подготвиле за новиот начин на работа, кој е многу посложен од досегашниот, се наведува во соопштението на компанијата, велат од компанијата.
Инаку досега, „Макпетрол“ го имаше целосно закупено гасоводот од „Гаспром“. По потпишување на договорот во Бугарија се ослободија дополителни количини за диверзификацијата, односно освен од „Гаспром“, гас да може да стигнува и од други извори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа