Одбележани 114 години од раѓањето на поетот и револуционер Коста Солев Рацин
На 114 годишнината од раѓањето на Коста Солев Рацин, пред спомен бистата во дворот на Гимназијата што го носи неговото име, во Велес денеска букети свежо цвеќе положија делегации од општинската администрација од Советот на Општина Велес како и претставници на средното училиште Гимназија „Кочо Рачин“ чиј патрон се одбележува на денешен ден.
Почит на безвремениот Рацин делегациите му оддадоа и пред спомен бистата во центарот на Велес како и во Спомен костурницата од НОВ каде меѓу стотината борци се наоѓаат и посмртните останки на Коста Солев Рацин.
Коста Апостолов Солев Рацин е роден во Велес, 22 декември 1908 година, а својот живот го завршил на 13 јуни 1943 во Лопушник.
Познат е по својата поезија и е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата стихозбирка „Бели Мугри“ која е издадена во Загреб во 1939 година, претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија.
Истата е најпреведувана македонска стихозбирка и издадена на сите светски јазици и на јазиците во многу други земји.
Велешките ученици во сите години наназад и сè уште напамет ја учат целата стихозбурка „Бели Мугри“ а некои од најпознатите песни како „Денови“ „Ленка“ „Тутуноберачите“ и „Копачите“ во наставата по македонски јазик ги учат напамет и анализираат нивните социјално – револуционерни пораки и сите основци и средношколци во земјава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа