Скопска православна епархија: Не е донесена одлука да нема погребенија на одредени верски празници и на задушница
Скопската православна епархија при МПЦ – ОА денеска ги демантира информациите дека била донесена одлука да нема погребенија на Свети Никола, првиот ден на Божик и Велигден, како и на задушница, иако, како што велат оттаму, за тоа се разговарало.
-По повод настаните од 19.12.2022 година, денот во кој Црквата го прославува споменот на светиот Николај Чудотворец, а во врска со неизвршувањето на погребенијата во тој ден, Скопската православна епархија го издава следново известување до медиумите – по барање на дел од свештенството од Скопската епархија да не се извршуваат погребенија на празникот на светиот Николај Чудотворец, во саботите на Духовденската и Митровденската задушница, и на првиот ден на Божик и Велигден, беа остварени средби со раководството на АД Бутел“, на коишто се разговараше за таа можност. Но, конечно, таква одлука не беше донесена, се вели во денешното соопштение од Скопската православна епархија.
Во него се додава дека поради одредена меѓусебна некоординираност, од некого било погрешно пренесено дека таква одлука има и оти веќе на 19 декември не треба да се извршуваат погребенија.
-Како последица на тоа дојде до несаканите случувања. Затоа, уште еднаш истакнувајќи дека за тоа беше само разговарано, а не и одлучено, известуваме дека погребенијата ќе продолжат да се извршуваат секојдневно, како, впрочем, и досега, нагласува во соопштението од Канцеларијата на Скопската православна епархија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа