Вишиот скопски обвинител не гледа ништо спорно во фотографиите на Ислам Абази со челници на ДУИ

 

В.д. шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, коментирајќи го изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека не знае зошто е толку проблематично и толку озборувано од сите чинители, кога тој е избран на фер и демократски избори, без никакви притисоци.

„Од 91 обвинител, колку што има на избирачкиот список на територијата на Вишото јавно обвинителство Скопје, на денот на изборите излегоа 89. Значи, само двајца беа спречени, едниот беше на боледување, а за другиот обвинител не знам зошто не се појави на гласање. Што значи дека не може да има притисоци и неразумно би било некој да врши притисок врз јавен обвинител, зашто се знае каков може да биде крајот на тој што ќе се дрзне да врши притисок врз јавен обвинител, особено при избор на свој колега“, рече Хајрулахи.

Според Хајрулахи, нема ништо лошо што Ислам Абази има фотографии со функционери на ДУИ.

„Не сакам да бидам јас адвокат на Ислам Абази и не сакам да бидам сфатен погрешно дека тука сум дојден да го бранам – далеку од тоа. Туку поставувавте прашање и ќе ви одговорам на прашањата. Што има лошо Ислам Абази да се слика со бивш функционер на ДУИ или со сегашен функционер на ДУИ ако тој нема кривичен предмед во обвинителството во целина. Нема ништо лошо, јас не гледам дека има причина зошто Ислам Абази би се криел или јас како обвинител доколку имам слики со кој било од политичкиот врв. Зошто би се криел“, вели Хајрулахи.

Прашан дали една од линиите на можни влијанија врз обвинителите што гласаа е тоа што тој, како виш обвинител, има ингеренции да врши надзор над обвинителите во основните обвинителства, Хајрулахи одговори:

„Ни случајно, ни случајно не би земал за право такво нешто да направам од етички причини, од морални причини, и на крајот на краишта, јас тие обвинители ги ценам зашто тие се обвинители и самостојно одлучуваат за предмети. Не им се мешам во одлучувањето за предмети, а не, пак, да им се мешам во нивното лично право, правото на глас, така што далеку од здравиот разум би било јас да им се мешам или да им наметнувам мое мислење во однос на тоа како тие ќе гласат и за кого ќе гласат“, рече вишиот скопски обвинител.

Хајрулахи не сакаше да ги коментира последните изјави на амбасдорите на САД и на ЕУ: „Не би земал за право да коментирам изјава на амбасадор“.

 

16.12.2022 - 22:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега