Јанакиески: ЕУ да одвои повеќе средства за транспортот

 

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески обраќајќи се на конференција во Брисел денеска побара повеќе пари наменети за транспортот од претпристапните фондови на Европската унија.

- Во следниот плански период 2014-2020 имаме амбициозни цели - нашиот фокус ќе биде насочен на развивање на железничката мрежа во Република Македонија и подобрување на безбедноста во патниот и железнички сообраќај. Во оваа прилика би сакал да испратам јасна порака до членовите на Европската комисија дека и во следниот плански период треба да продолжиме на претходно поставениот курс што значи да продолжиме да инвестираме долж СЕЕТО - сеопфатната мрежа, истакна министерот.

Јанакиески потенцираше дека Европската унија треба да одвои повеќе средства за развој на СЕЕТО - сеопфатната мрежа, со што ќе се овозможи слободен проток на луѓе и стоки и либерализирана и функционална пазарна економија.

Во попладневните часови, предвидено е министерот Јанакиески да оствари средба со заменик-претседателот на Европската комисија, одговорен за транспортот, Сиим Калас.

03.12.2013 - 12:45
Фото: 
А1.он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега