Груевски на средба со претседателот на ЕБРД Чакрабарти

Македонскиот премиер Никола Груевски, кој е во економска посетта на Велика Британија, денеска во Лондон ќе се сретне со претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти.

Како што пренесува МИА, предвидена е и посета на Лондонската кралска болница со цел разгледување на опциите и можностите за воспоставување соработка со македонските јавни здравствени установи.

Главниот настан, форумот за презентација на македонската бизнис клима ќе се одржи утре кога премиерот Груевски заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо ќе ги презентираат можностите за инвестирање во Република Македонија.

Форумот се организира во соработка со реномираната групација Фајненшл Тајмс.

- Ова ни е прво роуд шоу што го правиме заедно со Фајненшл тајмс. Досега организиравме со сопствени капацитети, но овојпат го вклучуваме Фајненшл тајмс со кој направивме многу добар аранжман и се надеваме дека ќе имаме добри гости кои ќе дојдат да ја слушнат приказната за Македонија насочена кон привлекуваме странски инвестиции и отворање нови работни места, изјави синоќа премиерот Груевски по неговото пристигнување во Лондон.

Груевски синоќа оствари средба со претставници на нашата дијаспора, Македонци кои живеат во Лондон, за кои рече дека се успешни во различни области.

02.12.2013 - 08:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега