Ден за оставки: „Поради незаинтересираноста на Арсовска, си подонесувам оставка од директорската позиција на Градски паркинг“
Освен вчера, очигледно и денеска е ден за оставки. Пред малку неотповиклива оставка информираше дека си поднел в.д. директорот на ЈП Градски паркинг - Скопје, Бојан Христовски. Тој вели дека оваа постапка се должи на незаинтересираноста на градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска за потребите на скопјани.
„Денеска навршуваат точно 8 месеци од моето именување за вд директор во ЈП Градски паркинг Скопје. На 13 јануари, оваа година беше мојот прв работен ден во ова претпријатие, а денес е мојот последен ден на оваа позиција.
Влегов со план и визија, со посветеност, професионализам и со континуирана работна динамика, и сето тоа со цел да им овозможам на сите граѓани подеднаков третман и подобри услови за услугите кои ги пружа ова претпријатие.
Но сепак морам да истакнам дека градот Скопје е комплексен систем на институционално управување во кои се испреплетени повеќе фактори. Тимската работа на градоначалникот и јавните претпријатија е неопходна, токму затоа нарушената координација е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа, а тоа е секако на штета на граѓаните. Дополнително вчера бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, при што без никакви факти и аргументи истите беа експресно „елиминирани“. Значи тоа се случува кога мерило за успехот не се резултатите, туку игрите кои се рефлексија на други поинакви интереси од колективните. Сето ова покажува дека многу малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, и јас како поединец и покрај бројните резултати за кус период не сакам да бидам дел од систем каде приоритет не се нашите цели и проекти, и каде нема поддршка од Градот ниту пак има нормална комуникација со градоначалникот. Затоа поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП Градски паркинг – Скопје“, пишува Христовски на Фејсбук.
Зад мене остануваат повеќе тековни активности и новитети, но и суштински проекти имплементирани во претпријатието, дополнува тој.
„Сметам дека успесите на Градски Паркинг постигнати во едни тешки околности се значајни да ги истакнам. Тие ќе беа уште поголеми доколку имаше целосна поддршка од Градот и градоначалничката. Во мојот живот борбата за принципите во кои верувам се поважни од функцијата. Влегов достоинствено, излегувам со чист образ. Нема да дозволам било кој, а најмалку луѓе кои имаат поинакви приоритети од тие поради кои се избрани од народот, и поради лични политички игри тоа да го извалкаат“, пишува поранешниот директор на ЈП Градски паркинг Скопје, на социјалната мрежа Фејсбук.
13.09.2022 - 11:52
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа