Бектеши – Ќехаја: Косово е важен трговски партнер за Северна Македонија

 

Зголемување на билатералната трговија, реализација на заеднички инфраструктурни проекти, соработка во проекти за развој на туризмот и мерки за зголемување на економската соработка кои ќе придонесат за создавање на услови за раст на двете економии беа во фокусот на средбата на министерот за економија, Крешник Бектеши и новиот амбасадор на Република Косово во Северна Македонија, Флориан Ќехаја.

Како што информираат од Министерството за економија, на состанокот биле разменети мислења и за мерките што ги преземаа двете соседни земји за соочување со енергетската криза која го зафати регионот и светот како и следните чекори во оваа насока, со цел постигнување на поголема енергетска независност.

Министерот Бектеши истакнал дека Косово е важен трговски партнер за Северна Македонија, и е на 10. место на листата на земји со кои нашата држава остварува најголем обем на трговска размена.

– Според податоците од Државниот завод за статистика, минатата година е остварен значителен раст во вкупната трговија помеѓу Северна Македонија и Косово од 43 отсто, при што извозот е зголемен за 29,6 проценти, а увозот за 137,2. Во првите четири месеци од 2022 година остварена е вкупна размена во износ од 162,3 милиони евра од кои 118,7 милиони евра се однесува на извоз во Република Косово, додека 43,5 милиони евра се однесува на увозот од Република Косово. Споредено со истиот период од 2021 година вкупната размена е зголемена за 49,7 проценти, извозот за 40,4 проценти и увозот за 82,7 проценти, наведуваат во соопштението од Министерството за економија.

Оттаму дополнуваат дека Бектеши и амбасадорот Ќехаја се согласиле дека соработката меѓу двете земји ќе се продлабочува уште повеќе во иднина.

 

21.06.2022 - 14:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега