Иванов: Само со дијалог се доаѓа до решение

 

Единствено дијалогот е она што може да овозможи стравовите, предрасудите и погрешните претстави да се менуваат. Затоа постојано моја мисла е дека човек кој комуницира тој се интегрира, човек кој не комуницира се гетоизира. Кога се разговара тогаш се доаѓа до решение. Договорот подразбира двајца. Мора да се разговара. Затоа поуката, апелот, повикот до сите млади е што повеќе да разговараат, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов во обраќањето на Форумот за млади, на тема „Улогата на религиите во градењето толерантна младина“, што се одржа во рамки на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог „Слободата и достоинството - основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“.

Иванов посочи дека 20-тиот век оставил големи трауми во човештвото, додавајќи голем дел од тие конфликти, војни биле и во основа и на предрасуди, стравови, стереотипи кои постоеле во минатото и кои уште траат.

- Еве 100 години после Балканските војни гледаме дека некои се уште ја користат истата реторика, истиот речник, во 21 век не го признаваат правото на други сами да се идентификуваат, не признаваат човечко достоинство сами да се одредите она што сте. И во иднина тоа ќе се случува. Нема да се промени се. Меѓутоа останува дилемата како денешните млади кога ќе бидат на наша возраст ќе се соочат во светот кој доаѓа, истакна претседателот Иванов.

Ги знаеме, како што рече, сите трауми и нетрпеливости на религиозна основа.

- Знаеме дека и многу конфликти во нашиот регион биле инспирирани од сфаќањата кои потекнувале од религијата. Некои ја злоупотребувале затоа што тоа многу силно мобилизира, ги потикнува чувствата на луѓето и дава некоја сигурност што другите групи, заедници не им ја даваат. Ние имаме позитивно искуство затоа што долги периоди од нашата историја сме живееле во отворени простори, потенцира Иванов.

Тој отворен простор, нагласи претседателот, создава кај луѓето претстава за другите дека треба да се живее заедно.

- Не ни е Европа нас цел како економска благосостојба како што други ја толкуваат. На луѓето кои живеат на овој простор Европа им е враќање на мирот, на стабилноста, на сигурноста затоа што едни стандарди, едни принципи, едни критериуми ќе важат за сите, додаде претседателот Иванов.

Модераторот на Форумот, Мухамед Месиќ, од Тузла кој е правник, хебреист, јапанолог и јазичен гениј (зборува седумдесетина јазици),  рече дека оној момент кога ќе ги разбереме другите имаме потреба од разбирање на самиот себеси.

- Верските заедници ги градеа и зачуваа човечките традиции за илјадници години. Разновидноста на ова наследство е клучната придобивка на човештвото во денешниот свет. Улогата на пораките во религиските подучувања го обележуваат човештвото, достоинството и се неопходни за секој. Сите млади треба да соработуваат. Сите верски и политички лидери треба да работат заедно за да создадат свет на достоинство и разбирање за генерациите што доаѓаат, додаде Месиќ. 

најчитано сега