Собранискиот спикер Вељановски на средба со претседателот на Конгресот на Шпанија
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски во рамки на работната посета на Кралството Шпанија, се сретна со претседателот на Конгресот на Шпанија, Хесус Мариа Посада Морено и со членовите на претседателството на Конгресот.
Двајцата претседатели, соопшти денеска Kабинетот на Вељаноски, изразиле подготвеност за соработка на сите нивоа, како меѓу претседателите, така и помеѓу комисиите и пратеничките групи за соработка, а акцент бил ставен и на евроинтегративниот пат на Република Македонија.
Претседателот на Конгресот на Шпанија во однос интегрирањето на Република Македонија во ЕУ истакнал дека е потребно трпение, но Република Македонија ќе биде дел од Европската Унија. Според него, потребно е да се има разбирање за некои проблеми кои постојат во рамки на унијата, но членството на Република Македонија ќе се случи. Тој го потенцирал задоволството од блиските односи на Република Македонија со НАТО и го поздравил начинот на кој нашата држава партиципира во мисиите на алијансата.
Во текот на денот Вељаноски оствари средба и со претседателот и членовите на Мешовитата комисија на двата дома на Парламентот на Шпанија за ЕУ прашања. Членовите на Мешовитата комисија на шпанскиот Парламент изразиле убеденост дека Македонија наскоро ќе ја имаат како свој пријател внатре во Унијата и оти токму оваа средба ќе придонесе кон забрзување на патот на Република Македонија до членството во европското семејство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа