Германски научник напиша книга за Македонија
Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје ја објави книгата „Македонија – предел и култура на живеење“ од Леонард Шулце Јена, во превод од германски јазик на Слободанка Поповска која е прва научна монографија за Македонија и сега првпат е преведена и публикувана на македонски јазик. Автор на предговорот е германскиот македонист проф. д-р Волф Ошлис.
- Германскиот научник Леонард Шулце Јена (1872-1955) е најтемелниот истражувач на Македонија во првите децении на 20 век, а неговата книга претставува најдеталната книга досега напишана од странец за Македонија. Таа е првата вистинска научна монографија за Македонија, која пак е проучена од повеќе аспекти во својата географска и национална целина. Иако ја истражувал по нејзината поделба (во 1917, 1918 и во 1922 година), Шулце Јена ја третира Македонија исклучиво како природна и национална целина. Ја проучува во географска, геолошка, етнографска, етнолошка и стопанска смисла. Настапува и како етнолингвист, истражувајќи ја компаративно македонската лексика, а како картограф изработува географска карта на Македонија, аргументирано утврдувајќи ги нејзините граници. Се претставува и како врвен етнограф, зоолог, антрополог..., соопшти „Македоника“.
Книгата содржи околу 150 фотографии, графикони и карти, меѓу кои и голема карта на која Леонард Шулце Јена ги утврдил границите на Македонија.
Книгата на Шулце Јена првпат на германски јазик е објавена во 1927 година, а на Франц Дофлајн, со наслов „Македонија“ (која е обемна и содржи 296 фотографии, цртежи и карти) е објавена во 1921 година, а првпат на македонски јазик во 2010 година, во издание на „Македонска реч“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа