Попоски во Париз по поддршка од Франција
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, ја напушта Канада и заминува за Париз каде утре ќе се сретне со својот француски колега, Лоран Фабиус.
Портпаролот на француското Министерство за надворешни работи Кеј д’Орсеј најави дека двајцата министри ќе разговараат за европското приближување на Македонија и главните меѓународни прашања. Според најавите, Фабиус и Попоски ќе разговараат и за зацврстувањето на билатералните односи, во рамките на продолжувањето на регионалниот самит од Брдо – Словенија, кога францускиот претседател Франсоа Оланд, ја изкажа „нашата волја да се даде нов поттик во односите со сите земји од Западен Балкан“.
Ова е прва официјална средба на Попоски и Фабиус по подолго време, откако по средбата на Франсоа Оланд и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов дојде до интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји.
-За Поранешната Југословенска Република Македонија, јас потсетив дека Франција е подготвена да бара решение, поради квалитетниот однос што го имаме со Грција. Вистина е дека прашањето за името го блокира моментално процесот и ние не може да застанеме тука. Значи Франција е подготвена да ја игра, и за ова прашање својата улога во промовирање на разбирање на оваа тема која сега – ако може да кажам – го комплицира процесот премногу долго, рече францускиот претседател Франсоа Оланд во Брдо.
Според висок анонимен француски дипломат, ангажирањето на Оланд е “искрено“, додавајќи дека францускиот претседател со неговата волја да помогне во решавањето на спорот „не прифатил да игра улога на посредник и со тоа да го замени претставникот на ОН за ова прашање., пренесува МИА.
Изјавата на Оланд за Македонија претставува прво јавно ангажирање на претседател на француската држава во насока на решавањето на спорот со името, по тоа на Жак Ширак при неговиот избор во 1995 година. За време на мандатот на Саркози, Франција отворено застана на страната на Атина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа